Силно невреме проследено со пороен дожд и град попладнево предизвика големи штети врз земјоделските површини во струмичкиот регион. Најпогодени се атарите на селата Банско, Колешино, Бориево и Муртино, каде што земјоделците пријавуваат сериозни оштетувања на бостанот и другите земјоделски култури што се одгледуваат на отворено.
Според првичните информации од терен, градот за само неколку минути ги оштетил насадите, а силниот дожд дополнително ги поплавил нивите. Најголеми штети има кај лубениците, дињите и градинарските култури, чија берба во овој период е во полн ек.
Земјоделците велат дека штетите се значителни и стравуваат дека дел од родот е целосно уништен, што ќе предизвика сериозни финансиски загуби. Тие очекуваат надлежните институции во наредните денови да излезат на терен и да извршат проценка на последиците од невремето.
Повеќе информации за обемот на штетите и евентуалните мерки ќе бидат познати по официјалниот увид на надлежните служби.








