Две жени, реформаторки, ќе бидат предложени за нови членови на Судскиот совет од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Таа го најави ова на вечерашното новогодишно интервју за првиот канал на Македонската телевизија.
Според Сиљановска-Давкова, едната од жените што ќе ги предложи е професорка, а другата е адвокатка и тие се, како што вели, со огромен углед во општеството.
Најавата на претседателката доаѓа еден ден откако во Собранието беше донесен новиот Закон за Судски совет, а таа рече дека го чекала неговото донесување за да може да ги предложи кандидатите според новите, построги критериуми предвидени во ова законско решение.
Таа не сакаше да ги објави имињата и најави дека ќе го стори тоа пред да стигне предлогот во Собранието.







