Швајцарија објави дека разговорите САД-Иран планирани за денеска во оваа земја се откажани, што следува откако американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс кажа дека нема да патува на средба со иранските преговарачи. Со овие разговори требаше да почнат сложени преговори за спроведување на 14-те точки од меморандумот за разбирање, што веќе го потпишаа претседателите на САД и Иран.
Според иранската новинска агенција „Тасним“, иранските преговарачи сакале да видат знаци на спроведување на привремениот договор од страна на САД пред да започнат следните рунди мировни преговори.
„Венс и американската делегација беа подготвени да заминат штом ќе бидат финализирани плановите за разговорите, но логистиката на овие преговори никогаш не била едноставна или предвидлива“, изјави портпаролот на Белата куќа.
Израел, кој не беше вклучен во мировните преговори и се дистанцира од договорот помеѓу САД и Иран, продолжи со борбата против Хезболах во Либан, што исто така покрена прашања дали договорот ќе се одржи.
Во Вашингтон, некои од републиканските сојузници на Трамп во Конгресот прашаа дали тој се откажал од премногу за да го заврши конфликтот, кој е непопуларен кај повеќето Американци. Трамп претходно порача дека ќе ја заврши војната само со безусловно предавање на Иран, но, место тоа, меморандумот што го потпиша со Иран предвидува олеснување на економските санкции и одмрзнување средства вредни десетици милијарди долари.
САД вчера ја укинаа поморската блокада на иранските пристаништа, за набргу потоа иранскиот врховен водач Моџтаба Хамнеи да објави дека го поддржува договорот, велејќи дека Трамп го склучил во очај.
„Иако во иднина ќе има директни преговори помеѓу Техеран и Вашингтон, тоа нема да значи прифаќање на позицијата на непријателот. Ако американската страна бара премногу во преговорите, ние нема да го прифатиме тоа“, порача Хамнеи, кој не се појавил во јавност откако беше избран во март.
Трамп не одговори директно на изјавата на Хамнеи, туку кажа дека очекува прекинот на огнот да стапи во сила на сите фронтови, вклучително и во Либан.








