Во изминатите неколку дена започна поголемо „движење“ на трансфер пазарот во Втората македонска фудбалска лига, клубовите активно се засилуваат за предизвиците кои ќе ги имаат во новата сезона која започнува на 15 август, а со оглед дека летниот преоден рок е отворен до 6 септември, се очекува промени во ростерите и во следниот период, односно на еден месец до затварање на трансфер пазарот.
Второлигашката конкуренција барем на имиња ќе биде со прволигашки шмект, но дали така ќе биде и по квалитет ќе покажат први воведни кола, но ако се земе фактот што многу од клубови започнаа доцна со подготовки, некои екипи одиграа една до две контролни средби, не се многу активни на трансфер пазарот, дава сигнал дека можеби и ќе има поголема конкуренција за опстанок или за „златна средина“ отколку за се напаѓаат позициите за Прва лига.
Во последните неколку денови имаше трансфери кај повеќе второлигаши. Осогово остана без Драган Паунов, кој се раздели со матичкиот клуб, со што еден од играчите со најдолг стаж во редовите на „жетварите“ ќе има нова средина за продолжување на кариерата. Во таборот на Детонит Плачковица пристигна Леонид Кофиловски од Охрид, а пак Новаци се засили со Јусуф Каба кој доаѓа на позајмица од Струга Трим Лум, а претходно беше дел од генерацијата на Шкендија Арачиново која направи историја за влез во Прва лига.
Работнички се засили со Христијан Поп Антоски од Осогово, тука е и Андреј Кудијан, кој се враќа во македонскиот фубдал, Брера Струмица во следните денови ќе промовира неколку засилувања во сите линии, додека пак се’ уште не е затворен трансфер пазарот речиси кај сите второлигаши, па се очекува до почеток на првенството односно до затварање на трансфер пазарот да има уште засилувања.
Беласица во следните денови ќе има две до три засилувања, а сега очекува засилувања да има и во Кожуф по ангажманот на Крстев за нов тренер.
Некои од екипите ќе се потпираат на млади сили како Шкупи, за Македонија ЃП нема официјални информации како би бил ростерот, додека пак дебитантот Камјани направи тим со кој дефинитивно ќе цели за што повисок пласман. Од екипите со отворени амбиции за Прва лига се Пелистер и Охрид, а пак останатите екипи ќе конкурираат од сенка да изненадат за Прва лига или би се бореле за третото место кое води кон баражот за Прва лига. Последните три екипи испаѓаат директно во Трета лига, а со оглед на тоа што нема баражи за опстанок во Втора лига, конкуренцијата ќе биде силна кога е во прашање директниот опстанок.
Останатите екипи остануваат на трансферите за кои беа реализирани во предиот пред 1 август, за што ги објавивме претходно.
Во рамки на првото коло од новата сезона Брера Струмица дома ќе игра против Еуромилк ГЛ, Беласица ќе го пречека Осогово, Македонија ЃП ќе игра против Тетекс, Охрид ќе се соочи на домашен терен со Новаци, Пелистер ќе го пречека дебитантот Камјани, Работнички ќе игра со Кожуф, а пак Шкупи ќе биде домаќин на Детонит Плачковица.






