Шест лица добија обвиненија за подигнување на брзи кредити на туѓо име, откако лажирале податоци од Агенцијата за вработување, а вработен во Фондот за здравствено осигурување им обезбедувал единствени здравствени броеви на осигуреници, информира Основното јавно обвинителство Скопје. Лицата ќе одговараат за фалсификување на исправа и злоупотреба на лични податоци и компјутерски криминал, а против вкупно 33 лица е поднесен предлог за издавање казнен налог до надлежен суд за компјутерска измама.
Како што информираат од Обвинителството, обвинетите во информатичкиот систем на повеќе финансиски друштва внесувале невистинити податоци со што предизвикувале невистинити резултати при електронската обработка и преносот на податоците од Агенцијата за вработување. Во ова им помагал еден од нив, вработен во Фондот за здравствено осигурување на РСМ и кој им ставил на располагање ЕЗБО број кој претходно го обезбедил преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот. Користеле лажни исправи и ги злоупотребувале личните податоци на оштетени физички лица и притоа од финансиските друштва повлекувале брзи кредити на нивно име.
„Намерата на обвинетите им била за секој од нив да прибават противправна имотна корист. Четворица од нив со вакви дејствија во периодот од февруари 2023 година до јуни 2024 година, прибавиле вкупна имотна корист во износ од 2,5 милиони денари, а останатите во текот на 2022 и 2023 година прибавиле противправна имотна корист во вкупен износ од дополнителни 659.500 денари. За четири лица кои беа опфатени со истражната постапка јавниот обвинител донесе решение за запирање на истрагата, од кои за двајца не беа обезбедени докази дека учествувале во оваа измамничка шема, а двајца починаа во меѓувреме“, се вели во соопштението од Обвинителството.






