Здравствените власти го комплетираат случајот со медицинската сестра Љубица Шавреска која го загуби своето бебе.
Министерот за здравство, Сашо Клековски во краток писмен одговор за ТВ24 потврди дека надзорот во струшката, охридската болница и државна гинекологија е завршен и се чека на финиширање на извештајот кој ќе треба да покаже дали и какви пропусти се утврдени во третманот.
Во меѓувреме Шавреска јавно ги повика здравствените власти – да одговорат со конкретна временска линија, медицински факти и образложение за секоја донесена или недонесена одлука – порачувајќи дека зад секој медицински запис стои човечки живот.
„И однапред да бидам јасна: одговорот „постапено е по протокол“ не е одговор на моите прашања. Не прашувам дали постоел протокол, туку што конкретно е направено во мојот случај, во кој час, со која медицинска проценка и со која цел. Зад секој медицински запис стои човечки живот. Во мојот случај, зад тие записи стои и едно бебе кое до последниот момент имаше срцева акција и шанса за живот.“
Истовремено одговори чека и семејството на 19 годишната Станка Михајлова која по породување со царски рез во штипската болница остана неподвижна.
Еден месец откако беше формирана стручна комисија во која беше вклучен и еден странски експерт – се уште нема одговор што е утврдено во овој случај. Министерот Клековкси најави прес конференција во текот на неделава, но засега се уште нема конкретна информација кога ќе ги соопшти резултатите.






