Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на забрзување на членството на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, обезбедувајќи ја поддршката на Германија за овој процес. Тој истакна дека земјите од регионот треба да спроведат дополнителни реформи и да покажат политичка волја за да напредуваат кон ЕУ. Мерц ја спомена и иницијативата на Германија и Франција за забрзување на интеграцијата, која предвидува можности за порано пристапување до заедничкиот европски пазар и учество во некои институции на ЕУ.
„ЕУ треба да се прошири доколку сака да го зајакне својот суверенитет во денешниот свет и да биде признаена како независна глобална сила. Во исто време, мора да биде јасно дека политичката волја треба да доаѓа од самиот регион. И реформите, особено оние поврзани со владеењето на правото, се неопходен предуслов за секој напредок“, истакна Мерц.
Австрискиот канцелар, Кристијан Штокер, истакна дека билатералните прашања не треба да го попречуваат процесот на членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Тој повика на постепена интеграција на регионот во заедничкиот европски пазар и на негово вклучување во европската зона за роаминг. Штокер соопшти дека Австрија ќе го преземе претседавањето со Берлинскиот процес во 2027 година, со фокус на младите, помирувањето и регионалната соработка.
„Дојде време и Западен Балкан конечно да стане дел од европската зона за роаминг. Не постои никакво објаснување зошто шесте земји од Западен Балкан треба да бидат во понеповолна положба од Украина или Молдавија.“, порача Кристијан Штокер.
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, изјави дека земјата има за цел да ги заврши преговорите за членство со Европската Унија до крајот на 2026 година, со цел да стане 28-та членка на ЕУ до 2028 година. Тој истакна дека за време на претседавањето со Берлинскиот процес, Црна Гора реализирала 26 активности, нагласувајќи ја важноста на регионалната соработка и европската интеграција на Западен Балкан.
„Претседавањето го презедовме од Обединетото Кралство, а денес имаме задоволство оваа одговорност да ѝ ја предадеме на Австрија и на канцеларот Штокер, убедени дека Виена ќе продолжи силно да придонесува за поврзувањето на регионот и неговото приближување кон Европската Унија“, вели Милојко Спаиќ.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја предводи делегацијата на Македонија, изјави дека очекува силни пораки и конкретни резултати од овој самит. Тој ја истакна целосната посветеност на владата на реформската агенда и ја нагласи потребата од изнаоѓање решенија за глобалните предизвици, како што се меѓународните конфликти и финансиската криза.
„Денес очекувам многу силни пораки во врска со интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија. Се разбира, тука ја вклучувам и мојата земја. Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради некои вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите“, вели Христијан Мицкоски.
Самитот, кој се одржува во Будва, е дел од Берлинскиот процес, иницијатива започната во 2014 година од тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел да се поттикне интеграцијата на шесте земји од Западен Балкан во ЕУ. Во јуни, Германија и Франција започнаа нова иницијатива за забрзување на процесот на членство.






