САД повторно ја продолжија националната вонредна состојба поврзана со Западен Балкан, мерка што првично беше воведена во 2001 година, а која и понатаму се користи како правна основа за воведување санкции и други безбедносни мерки.
Одлуката ја потпиша американскиот претседател Доналд Трамп, со што мерката се продолжува за уште една година, почнувајќи од 26 јуни.
Во образложението се наведува дека продолжувањето е поврзано со постојани ризици за националната безбедност на САД, вклучувајќи активности на поединци и групи кои, според Вашингтон, придонесуваат за нестабилност во регионот.
Мерката првично беше воведена во 2001 година, поради загриженост за екстремистичко насилство, нарушување на мировните договори и поткопување на демократските процеси во земјите од Западен Балкан.
Со нејзиното продолжување, американската администрација ја задржува можноста за воведување финансиски санкции и ограничувања кон лица и организации кои се сметаат за закана по стабилноста во регионот.
Одлуката на САД да ја продолжи вонредната состојба за Западен Балкан одамна не се одржува поради страв од нова војна во Босна и Херцеговина, Македонија или на Косово, туку поради проценката на Вашингтон дека корупцијата, политичката дестабилизација и обидите за поткопување на државните институции сè уште претставуваат безбедносен ризик за регионот и за американските интереси.
И корупцијата и поткопаните институции се безбедносно прашање
Особено значајна беше 2021 година, кога администрацијата на Џо Бајден ја прошири рамката преку Извршната наредба 14033. Со тоа санкциите повеќе не беа резервирани само за оние што поттикнуваат насилство, туку и за лица што ја загрозуваат регионалната стабилност преку корупција, попречување на демократските процеси или непочитување на меѓународните договори.
Токму ова објаснува зошто во последните години на американските „црни листи“ се најдоа политичари и бизнисмени од повеќе балкански држави, вклучително и од Северна Македонија.
Сепак, во образложението за ова најново продолжување има нијанса која многу зборува.
Во најновото образложение Белата куќа наведува дека и натаму постојат активности кои ја попречуваат демократската консолидација и целосната интеграција на регионот во евроатлантските институции. Според американската проценка, состојбите во Западен Балкан сè уште претставуваат „невообичаена и извонредна закана“ за надворешната политика и националната безбедност на САД.
Во образложението од 2026 година експлицитно се наведува и Извршната наредба 14140 од 8 јануари 2025 година.
Во неа се наведуваат конкретни причини кои повлекоа ново продолжување на вонредната состојба: обиди за оспорување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан; поткопување на поствоените договори и институции; значајна корупција што го еродира владеењето на правото; избегнување на американските санкции.








