домаМакедонијаРутинска посета или сериозна операција за нова динамика со ЕУ?!

Рутинска посета или сериозна операција за нова динамика со ЕУ?!

- Advertisement -spot_img

Урсула фон дер Лајен в петок доаѓа во Скопје, а со неа секогаш се отвора прашањето – има ли нова шанса за македонскиот европски пат? Премиерот Христијан Мицкоски порачува дека Владата е подготвена да разговара, да дебатира и да бара решение, но бара разговорите со Бугарија да се водат со присуство на ЕУ. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, пак, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека не очекува пресврт од посетата и смета дека проблемот е многу подлабок – во самата Преговарачка рамка на Унијата. Во исто време, Брисел разгледува нов пристап кон проширувањето и поголема употреба на квалификувано мнозинство во делови од процесот на одлучување. Сепак, Никовски смета дека од Брисел не треба да се очекува ниту конкретен патоказ за Македонија ниту промена во начинот на одлучување на Унијата, а уште помалку гаранции што би го забрзале европскиот процес на земјава. Според него, таквите очекувања се нереални.

Ќе донесе ли посетата на Урсула фон дер Лајен нова динамика во процесот на европска интеграција на Македонија или средбата во Скопје ќе биде уште една потврда на веќе познатите позиции? Во пресрет на средбата со претседателката на Европската комисија, премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата останува подготвена за разговори и дебата, со цел да се најде решение за прашањата што го попречуваат европскиот пат на земјата. Тој вели дека ставовите и аргументите на македонската страна се јасни и дека е подготвен да разговара за нив.

Поинаква процена има поранешниот амбасадор Ристо Никовски, кој не очекува посетата на Фон дер Лајен да донесе суштински пресврт. Според него, клучниот проблем не е само во односите со Бугарија, туку во самата преговарачка рамка на Европската Унија, за која смета дека не остава реален простор за напредок на македонскиот европски пат. Оттука, во фокусот на утрешните разговори повторно се прашањата за уставните измени, бугарската блокада, преговарачката рамка и можноста Брисел да се вклучи поактивно во надминувањето на спорот.

Во однос на обвинувањата од страна на опозицијата за кочењето на евроинтегративниот пат и во пресрет на средбата со Фон дер Лајен, премиерот Мицкоски вчера ги потврди јасните ставови и аргументи на Владата и подготвеноста за разговор.

– Па добро, ние многупати досега сме го кажале ставот по тоа прашање. Јас немам што да додадам на тоа што сум го кажал и не знам дали понекогаш вреди да се коментира ставот на опозицијата, кој секој ден е, би рекол, сѐ порадикален, и личи како да се дојдени од некоја „Али експрес“ испорака на некоја друга опозициска партија. Така што, тој дел од опозицијата не би сакал да го коментирам. А нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни, ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и на крајот од денот да најдеме решение, истакна Мицкоски.

Претходно, премиерот Мицкоски истакна дека со Фон дер Лајен ќе разговараат за актуелната состојба околу процесот на проширување и за предизвиците што се случија и тие што претстојат. Во однос на идејата за учество на ЕУ во преговорите со Бугарија, Мицкоски рече дека е логично да се седне и да се разговара во присуство на претставници од ЕУ затоа што аргументите треба да се слушнат објективно. Според македонскиот премиер, дури може да се разгледа и опцијата за претставници од НАТО, каде што сме сојузници со и истакна дека нема комуникација со бугарскиот претседател Румен Радев.

Нереални очекувања

Амбасадорот од кариера, Ристо Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, пак, вели дека посетата на Фон дер Лајен е рутинска и со цел да го реафирмира интересот на ЕУ за Балканот. Тој смета дека од Брисел не треба да се очекува ниту конкретен патоказ за Македонија, ниту промена во начинот на одлучување на Унијата, а уште помалку гаранции што би го забрзале европскиот процес на земјава. Според него, таквите очекувања се нереални.

– Посетата на Фон дер Лајен во основата е рутинска и целта е да го реафирмира нивниот интерес за Балканот и ништо повеќе од тоа. Не треба да се надеваме дека ќе донесе било каков пресврт за Македонија, единствено што е можно е дека грубото повторување – променете го Уставот, може да биде малку пософистицирано и толку. Наше е да го соочиме Брисел дека немаме друг избор освен да ги откажеме преземените обврски кои, во основата, се нелегални, антиуставни, и капитулантски за Македонија. Не верувам дека нашите така ќе се однесуваат бидејќи никој досега не ја направил точната дијагноза на нашиот случај, барем јавно, дека нашиот клучен проблем е Преговарачката рамка. Неспорен факт едека со оваа Преговарачка рамка, за која претходната власт дала согласност, Македонија нема никогаш да стане членка на Унијата. Нашата власт има погрешна оценка дека историските прашања не се дел од неа, ама тие се нејзиниот клучен дел. Тоа значи дека не можеме да очекуваме никаков патоказ за Македонија, а нашите очекувања дека ќе има промени во системот на одлучување во Унијата се во најмала рака, наивни. Очекувањата да добиеме било какви гаранции од Брисел се апсолутно нереални, вели поранешниот амбасадор Никовски.

Постепена интеграција

Во меѓувреме, Европската комисија разгледува нов пристап за тоа како Унијата би функционирала со повеќе членки, во време кога процесот на проширување повторно добива геополитичка тежина, особено поради војната во Украина и потребата од посилно поврзување на Западен Балкан со ЕУ. Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, во пресрет на турнејата низ регионот порача дека интеграцијата на Западен Балкан останува дел од европската агенда.

Една од темите што се разгледуваат во Брисел е начинот на носење одлуки во Унијата. Во нацрт-документот на Европската комисија се предлага поголема употреба на квалификувано мнозинство во одредени области, со цел да се намали ризикот една земја членка да може да го блокира одлучувањето. Во исто време, Комисијата предвидува и механизми за заштита на суштинските национални интереси на земјите членки. Документот сè уште е предлог и може да претрпи измени пред неговото официјално претставување.

Промената во начинот на одлучување би била значајна и за идните проширувања, зашто со зголемувањето на бројот на членките се отвора прашањето дали Унијата може ефикасно да функционира со систем во кој во повеќе области е потребна едногласност. Токму затоа, дебатата за проширувањето се поврзува и со внатрешните реформи на ЕУ, вклучително и со прашањето како да се спречат билатералните спорови да го блокираат поширокиот европски процес, како што е случајот со Македонија.

Паралелно со институционалните промени, Брисел веќе применува модел на постепено приближување на кандидатите кон европскиот пазар и институции и пред полноправното членство. Планот за раст за Западен Балкан, вреден шест милијарди евра за периодот 2024 – 2027, предвидува постепено отворање делови од единствениот пазар, поголема економска интеграција, реформи и дополнителна финансиска поддршка. Целта е земјите од регионот да почувствуваат дел од придобивките од европската интеграција и пред формалното членство.

За Македонија, сепак, главната пречка останува поврзана со условите поставени во пристапниот процес и со спорот со Бугарија. Токму во овој контекст земјава бара европските институции да имаат подиректна улога во разговорите со Софија. Од Брисел, пак, останува пораката дека проширувањето се заснова на заслуги и на исполнување на критериумите за членство.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img