домаМакедонијаОд 1 декември нови правила за боледувањата: Матичните ќе можат да дадат...

Од 1 декември нови правила за боледувањата: Матичните ќе можат да дадат само 5 дена без специјалист, над 60% од сомнежите за злоупотреби се во јавниот сектор

- Advertisement -spot_img

Од 1 декември стапува во сила новиот правилник со ревидирани критериуми за привремена спреченост за работа, со кој се скратува рокот за кој матичните лекари можат самостојно да одобрат боледување од седум на пет дена. Во јавниот сектор доминираат сомнежите за фиктивни боледувања, а контролите бележат драстичен пораст на неправилности, беше обелоденето во синоќешната емисија „24 Анализа“ на Телевизија 24.

Директорката на секторот за контрола во Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Силвана Андов, најави дека финалната верзија на правилникот е испратена на одобрување до Управниот одбор, по што ќе добие согласност од Министерството за здравство и ќе биде објавена во Службен весник, со цел примена од 1 декември, објави 4news.mk Ова е прва ревизија на дијагностичките критериуми од 2012 година наваму.

„Во периодот од 2021 до 2025 година бројот на пациенти пораснал за 6,7%, но бројот на отворени боледувања забележал скок од дури 33,4%. Само годинава, од 326 барања за вонредна контрола, 110 се од јавниот сектор, а 56 од приватниот. Имаме случаи со пријави од работодавци каде осигуреници на отворено боледување се сликаат на плажи или прават свадби, а забележан е и тренд на зголемен наплив на рендген-снимања и боледувања кај помлади вработени токму во пресрет на летната сезона“, откри Андов.

Таа додаде дека кај институции како Министерството за внатрешни работи (за 84 лица) и Министерството за одбрана (за 51 лице) имало групни барања за проверка на сомнителни боледувања, а висок процент на отсуства се бележи и кај средниот медицински персонал во здравството.

Што точно предвидуваат новите правила?

Скратување на деновите без дијагностика: Периодот во кој матичен лекар врз основа на симптоми и доктринарни ставови можеше да отвори боледување без специјалистички наод се намалува од 7 на 5 дена. Со ова треба да се спречат калкулациите каде пациенти менуваа дијагнози на секои седум дена без никаков преглед.

Посебни исклучоци до 15 дена: За одредени дијагнози матичните лекари и понатаму ќе можат самостојно да водат боледување до 15 дена само со лабораториски наод, без специјалист (како грип/инфлуенца, акутни респираторни инфекции, вирусни ентерити и гинеколошки состојби).
Проширување за ин-витро и болнички случаи: Временската рамка за боледување при позитивен ин-витро исходот се зголемува до три месеци. Исто така, децидно се дефинира дека нема потреба од физичко присуство на пациентот кај лекар или комисија за тешко болни, лица на болничко лекување, лекување во странство или придружник на дете до три години.
„Нема полиција да тропа по врати со пендреци“
Андов категорично ги демантираше шпекулациите дека боледувањето ќе се претвори во куќен притвор или дека полицијата ќе влегува во домовите.

„ФЗОМ и досега имаше законска надлежност за теренска проверка на осигуреникот по пријава на работодавач кога постои сомнеж за тековно, активно боледување. Со МВР не се планираат упади со полицајци, туку во иднина преку меморандуми да се воспостави систем за електронска размена на податоци – на пример, евиденција дали некое лице на активно боледување регистрирало излез на државната граница“, објасни Андов.

Судир: Синдикатот бара одговорност кај лекарите, матичните се жалат на притисоци
Потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Иван Пешевски, потенцираше дека правилникот не смее да удри врз чесните работници кои навистина се болни и предупреди на можен судир со колективните договори каде што стојат рокови од седум дена.

„Не може да бидат виновни 700.000 работници поради неколкумина што се сликале во Италија. Ако работник симулира, одговорноста е кај оној што го потпишал и издал документот – матичниот лекар. Казнете ги оние што даваат боледување на здрави луѓе. Во реалниот, приватен сектор луѓето се истрошени од работа и нема простор за манипулации, проблемот со отсуствата е концентриран во јавните институции каде државата треба да ги провери условите за работа“, рече Пешевски.

Од друга страна, претседателот на Здружението на лекари по општа и семејна медицина, д-р Драган Георгиевски, ги отфрли обвинувањата дека лекарите се главните виновници, посочувајќи на уцените од самите пациенти поради моделот на капитација.

„Лекарите не се иследници. Ние зависиме од бројот на пациенти. Честопати лекарите се под притисок: ‘ако не ми дадеш боледување, ќе ги земам картоните од целото семејство и ќе одам кај друг лекар’. Пациентите знаат толку уверливо да симулираат симптоми на дископатија или спондилоза што морате да ги покриете со наод. Дополнително, кратењето на пет дена ќе предизвика нов хаос со приоритетните упати кон секундарното здравство, бидејќи специјалистичките термини на клиниките веќе се пренатрупани и блокирани“, алармираше д-р Георгиевски.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img