Со свечено пуштање во употреба, денес Штип официјално доби современ затворен базен, проект чија изградба беше запрена повеќе години. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за спорт Наумче Мојсовски и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

Инвестицијата за изградбата на базенот изнесува 46,7 милиони денари со ДДВ. Според најавите, новиот објект ќе овозможи подобри услови за спорт и рекреација на граѓаните, особено за младите, со цел развој на спортски дух и здрави генерации.

„Ветено – остварено. По базенот во Кисела Вода, сега и Штип добива современ спортски објект. Во следниот период ќе бидат финализирани и базените во Кичево, Битола и Ѓорче Петров,“ истакна министерот за спорт.
Со ова, спортската инфраструктура во земјата добива значајно зајакнување, а институциите најавуваат дека ќе продолжат со реализација на капитални проекти кои директно ќе придонесат за подобри услови за граѓаните.






