Очекувам Уставниот суд да отвори предмет за измените на Кривичниот законик со кој дополнително се амнестираат функционерите особено во делот за јавни набавки, изјави во емисијата 24 Анализа на ТВ24 – обвинителката и кандидатка за државен јавен обвинител, Ленче Ристоска. Таа му порача на претседателот на Уставниот суд дека очекува таква постапка.
„На една заедничка дебата претседателот на Уставниот суд ми разјасни дека во вакви случаи Уставниот суд не ја цени само формалната уставност , односно процедурата во која е донесен законот, туку и материјалната уставност односно дали со измените навистина е променета состојбата на подобро или можеби сите забелешки кои стоеле и претходно продолжуваат да постојат“- рече Ристоска.
Смета дека најпроблематични се злоупотребите на јавните набавки.
„Прво за измените на КЗ од 2023 можам да кажам дека мене ми беше неверојатно со која леснотија се изгласаа ваков тип на промени кои промовираа и корупција и неказнивост на отворени врати. И сега кога јавноста е сензибилизирана за ова прашање и се води јавна дебата и во најмала рака се очекува да се врати претходното решение, се носи законско решение кое што не е она што е очекувано ниту пак е унапредено во позитивна смисла најголемите забелешки кои што ја ги имам во ова законско решение се во делот на злоупотребите на јавните набавки. Се враќа ставот 5 од 353 меѓутоа овој пат се ограничува само на две фази на јавни набавки. Првата фаза, односно органот требало да спроведе јавна набавка и не спровел, речиси и да нема такви случаи и втората е надвор од определената сума ќе се зголемува висината на јавната набавка, вакво нешто беше во минатото пракса но се повеќе се искоренува. Остануваат не адресирани оние прилагодувања на тендери според кој сакате вие да го добие тендерот, нацртани тендери, фаворизирање на фирми, склучување на договор за јавна набавка за кој што нема реална потреба за таа јавна набавка, толерирање на незаконитости при јавна набавка. Е сега, бидејќи не е изречно опфатено, мене ми се отвора прашањето каков став ќе заземе правната фела, дали сето тоа што не е опфатено е декриминализирано, или пак ќе одиме по став еден како минатиот пат во 2023 и ќе се оди со поблага квалификација“- изјави Ристоска.








