домаМакедонијаРестарт и темелни реформи за сигурна спортска иднина

Рестарт и темелни реформи за сигурна спортска иднина

- Advertisement -spot_img

Министерот Борко Ристовски во опширен разговор за ЕКИПА.мк говори на најразлични теми, се осврнува на сработеното досега, најавува подобри денови на финансиски план, но и одговара на критиките што пристигнаа на негова адреса во изминатите денови.

Акцент според вашите активности се става на инфраструктурата, што е следно што е зацртано…

„Во изминатите две години се направи доста за спортската инфраструктура бидејќи наш став е дека без основа во спортот не може да се бараат резултати. Добро познато е, ги завршивме шесте базени што беа почнати, ја реконструиравме спортската сала „Расадник“ што е едно ремек-дело, потоа ги реконструиравме и салите во Радовиш, Ново Село…. направивме или реконструиравме над 40 мултифункционални игралишта… Да не ја заборавиме спортската сала во УКИМ која беше запоставена неколку години, сега и таа е во фаза на реконструкција. Почнавме и со сериозен зафат на реконструкција на салата во Велес, прво со средување на подтрибинскиот простор, соблекувални, ходници, тоалети, се комплетно… ова е почетната фаза, втората фаза е комплетна промена на подот и на осветлувањето, мислам дека првиот дел би требало да заврши до крајот на годината, а вториот дел до крајот на февруари, март, со што би се заокружила една инвестиција од околу 25 милиони денари, со што Велес конечно ќе добие спортска сала каква што заслужува бидејќи навистина е спортски град што треба да има модерен спортски објект“.

Клучно прашање секогаш се парите… какви се предвидувањата за наредната година, колкав буџет и дали е повеќе или помалку во однос на актуелниот?

„Оваа година преку субвенциите и оние средства кои доаѓаат преку игрите за среќа директно до клубовите и федерациите се пуштени преку 500 милиони денари, што е сериозна сума на пари. Ако споредиме со таканаречениот ваучер што го имаше претходната влада, тој беше околу 600 милиони денари, но со реална искористеност од околу 60%, што би значело дека од 600 милиони, не беа користени повеќе од 400 милиони денари годишно во македонскиот спорт. Ние го сменивме законот, средствата сега одат директно кај спортисти, клубови и федерации и ова е сумата што завршува на нивните сметки. Искрено, очекувам оваа сума да биде уште поголема во 2027 година. Не можам да тврдам со сигурност бидејќи се уште се водат разговори околу точните бројки за буџетот за наредната сезона, но очекувам сумата да е поголема бидејќи има една работа што не е од спортски аспект, но е од интерес за спортот. Видео лотарија на Македонија, тоа е веќе и јавно, прејде во сопственост на државата, што значи цел оној приход што го остваруваше од над 40 милиони евра на годишно ниво, тие пари ќе одат на конто на државата, а Министерството за спорт по закон е корисник на 3% од тие пари. Што значи, ако на сегашниот буџет од 300 милиони денари од игра на среќа, кога ќе ги додадете овие три проценти… кога на тоа ќе ги додадете и директните субвенции до клубовите и федерациите, верувам дека ќе дојдеме до една значително поголема сума. Сепак, ќе повторам, сето ова во моментов е релативно бидејќи сме во фаза на разговори околу точниот буџет за 2027 година“.

Не може државата да финансира 100% во клубови!

Тоа е едниот дел, вториот и поважен дел е дека сакаме тие средства да одат на вистинско место. Ние како држава не можеме да финансираме се и сите спортови, ќе ги помагаме сите спортови, но не можеме да ги финансираме во целост. Верувам дека секој претседател на клуб или федерација со самата функција, има и одговорност да обезбеди дел од средствата на телото со кое раководите. Не може државата стопроцентно да финансира се, ние сме тука за да ги финансираме федерациите во некои 80% од нивните буџети, но не можеме да ги финансираме и стопроцентно сите клубови во сите спортови.

Го гледаме моментното ниво на спорт, кое што е производ на начинот на финансирање во изминатите години и реалната слика е разочарувачка, што само по себе значи дека самото финансирање било погрешно. Затоа и направивме одредени промени, фокусот да биде на врвниот спорт, а сите останати да добиваат помош за основни услови на функционирање и за развој на млади категории. Веќе од следната година системот ќе биде поинаков, првите три или првите четири екипи, во зависност од спортот, ќе добиваат повисока сума, додека сите останати, од петто до десетто или до дванаесетто, ќе добиваат иста сума, како помош за основно функционирање. Секако, клубовите ќе треба да си работат и да најдат и соодветни спонзори во зависност од нивните амбиции и желби за подобри резултати. Не може 100% од буџетот да биде обезбеден од државата, сепак се тоа акционерски друштва што би кажало дека се приватни клубови, државата може да субвенционира, тоа значи да помага, а не да биде стопроцентен финансиер на клубовите. Јас сум поранешен спортист и знам колку се потребни средства за развој на спортот, но исто така знам и дека треба да се фокусираме каде ќе одат парите од државата, да се има соодветна контрола на парите што се трошат и мислам дека со фокусот на водечките екипи ќе направиме успех и тие екипи што ќе добиваат дополнителни средства ќе можат да ја претставуваат Македонија надвор во соодветните европски натпреварувања на едно повисоко ниво.

Во последните денови добивте јавни критики од раководството на една од националните спортски федерацији, поради неисполнети обврски кон неа?

„Критиките доаѓаат од човек што го имаше и во „бомбите“ и добро знаеме за каков човек се работи. Она што е уште поважно, тој апсолутно не ја говори вистината. Тој човек и таа федерација во минатото додека беа СДСМ на власт добиваше значителни суми пари, каде одеа тие средства никој не знае, за што се трошеа никој не знае, но ако е претседател, јас не сум видел во друга федерација ист човек да биде и претседател и селектор и тренер во клубовите. Ако сте претседател на федерација и не може да обезбедите 10.000 евра за дечињата да одат на едно големо натпреварување, а притоа сте земале средства од државата. Кик-боксот, вкупно по сите основи има земено преку 6 милиони денари помош оваа година, субвенционираме млади кик-боксери, помагаме на федерацијата за одржување и ова што го говори нивниот претседател е апсолутна невистина. Меѓутоа ако и до толку му е проблем да обезбеди 10.000 евра, еве нека ја донесе фактурата за сместувачките капацитети и за превозот на дечињата, дополнително ќе биде финансирана таа федерација, само лично ми е многу жал што се злоупотребуваат деца и се ставаат на средина за нешто што е лична неспособност. Сакам да потенцирам, ако сте претседател на федерација и толку се грижите за спортот и за вашите спортисти, треба дел од својот, дали преку спонзори или преку ваши лични средства, да покриете барем дел од трошоците, кога веќе велите дека сте игнорирани од државата, што не е точно, но ако веќе го тврдите, најмалку што како претседател треба да го направите е да ги покриете тие трошоци наместо вината да ја барате на погрешна адреса.

Истраги од финансиска полиција за двајца екс-претседатели на голема федерација

Третата работа е малку надвор од спортот, но морам да ја кажам. Ние како министерство правиме сериозна ревизија на сите федерации, таа е веќе завршена и можам да кажам дека против двајца поранешни претседатели на големи федерации има истраги и од финансиска полиција и од одделот за организиран криминал. Јас само тука би ја искористил оваа можност за јавно да ги повикам да ја проверат работат федерацијата за кик-бокс, но и да го проверат личниот имот затоа што ние како министерство имаме право да побараме, да го проверат личниот имот на дотичниот претседател. Јас само поставувам прашање, како може човек што е вработен во МВР за нормална плата да биде претседател на федерација, во исто време да има глисери и јахти од преку 100.000 и да има станови низ Македонија во вредност од над 150.000 евра. Ова е јавен повик и до УЈП и до сите надлежни институции да го проверат бидејќи тоа не може да си го дозволи еден нормален човек вработен во МВР. Ова е почеток на една борба против луѓето кои со децении го искористуваат спортот и доаѓаат до средства кои што да не е спортот сигурно не би можеле да ги заработат со своето секојдневно работење.

Што како министер имате зацртано како клучни проекти за новата 2027 година?

„Пред нас за 2027 година е сериозен инвестициски план со кој нивото на спортската инфраструктура на едно високо ниво. Главна алка за што ќе биде објавен јавниот повик кон крајот на оваа година, со работа ќе се почне кон крајот на годината, но големиот дел од работите ќе треба да се завршуваатво текот на следната календарска година. Една од клучните работи е завршување на базенот во Охрид, проект одолговлекуван 13 години, конечно се наредија една влада на ВМРО, па проектот застана под владата на СДСМ, па дојде друга влада на ВМРО за сега конечно оваа влада предводена од Христијан Мицковски со создавањето на Министерството за спорт да го стави потребниот акцент на спортската инфраструктура и да ги завршиме сите овие почнати, а недовршени проекти од минатото. Затоа, еве ексклузивно можам да најавам дека јавниот повик за базенот во Охрид ќе биде до крајот на годинава, со работа ќе се почне до крајот на годинава и Охрид конечно ќе го добие овој модерен објект што го заслужува.

Почнуваме и со изградби на спортски сали во Аеродром и во Крушево, уште една сала во Воената академија веќе е во завршна фаза и кон средината на наредната година и таа ќе биде завршена. Зацртано е и да биде извршена целосна реконструкција на спортската сала во Неготино, говориме за објект кој пред 4-5 години беше реконструиран од Агенцијата за млади и спорт, но таа е комплетно нефункционална. Тоа е жално, да мораме да реконструираме нешто што не така одамна било реконструирано и биле потрошени сериозни средства, за тоа ќе следат и кривични пријави…

Планот е да се реконструира целосно и спортската сала во Делчево, уште еден проект во тој дел од Македонија бидејќи сакаме да се обидуваме рамномерно да ја реконструираме спортската инфрастуктура низ целата држава.

Проектот долгоочекуван со реконструкција на спортската сала „Македонија“ во Прилеп, знаеме дека во овој град нема ниту една функционална сала… договорот со концесионерот е раскинат, таа сала ќе ја земе државата преку Министерството за спорт, ќе ја реконструира комплетно, тоа е еден сериозен проект од преку 150 милиони денари и Прилеп ќе добие една модерна сала што по реконструкцијата ќе ја предадеме на владеење на општина Прилеп.

Дел од планот е и реконструкција на салата „Парк“ во Струмица, која е во лоша состојба и која ќе биде санирана за струмичани да добијат спортски објект каков што заслужуваат.

Спортскиот комплекс Кале е една од убавите приказни на Скопје на која се сеќаваат повозрасните скопјани, тоа значи реконструкција на базенот на СРЦ Кале, кој да напоменам благодарение на оваа влада и на Министерството за спорт, договорот за концесија што го имаше дадено претходната влада на криминален начин, сега тој договор е раскинат и објектот е земен во владение на државата. Планот е базенот да биде реконструиран, на лизгалиштето во план е да се направат терени за тенис и падел, каде планот е се да биде ставено на располагање на народот за рекреација и за уживање, ова е уште еден плус за Скопје, но и за спортот во Македонија.

Каков е планот за салата „Расадник“ која беше целосно реконструирана, кој ќе раководи со неа во наредниот период?

„Сите бевте сведоци каква беше салата „Расадник“, која беше лошо стопанисувана и затоа дојде до една руинирана состојба. Ние успеавме да ја реконструираме, повторно да имаме сала за гордост, по што во договор со Премиерот Мицковски, одлучивме да не ја даваме на општината, туку на институции кои имаат стабилни претседатели и квалитетни луѓе и ќе знаат да ја менаџираат на вистински начин. Мислам дека Ракометната Федерација на Македонија и претседателот Александар Стефанов се и квалитетна федерација и квалитетен стопанственик пред се кој може да си дозволи да ја стопанисува на високо ниво. Затоа се одлучивме таа сала да замиине во рацете на РФМ, а верувајте дека ракометната федерација на 90% од спортот ќе биде дадена на користење за симболични средства. Бидејќи поентата не е да направите сала и таа да биде скапа играчка недостапна за сите, затоа и ние ставаме сериозен акцент на сите овие објекти“.

Што се случува со СРЦ Кале, која е затворена, дали се во тек реновирањата и отстранувањето на проблемите за кои алармираа од кошаркарската федерација пред да ја затворат?

„Запознаен сум со случајот за СРЦ Кале и можам да кажам дека претседателот Главчев со право ја затвори оваа сала бидејќи претходниот претседател под којзнае какви услови стопанисувал со овој објект. Не дај боже да се случело нешто, ќе беше вина на актуелното раководство и затоа беше aпсолутно оправдано. Јас верувам дека ќе најдеме заеднички јазик и начин за оваа сала повторно да ја отвориме, дали ќе биде со делумно реконструирање и отстранување на проблемите или за целосна реконструкција ќе видиме во зависност од одлуката по консултациите со сите соодветни министерства.

Што за вас ќе биде успех на спортски план, на шест месеци или година од сега?

„Јас како министер за спорт ќе бидам задоволен кога на сите нашите спортисти ќе им создадеме услови да тренираат, да направиме што повеќе објекти, спортски сали и игралишта, дечињата да ги изнесеме надвор на тие терени да почнат со одредени спортски активности. Јас сум многу среќен што едно од тие реконструирани мултифункционални терени е „Кочо Рацин“ на Водњанска, кога и да поминам во летниот период има и над 200 деца. Тоа е поентата, да државата овозможи дечињата да можат да се рекреираат, да тргнат по патеките на спортот. Нас ни е важен и професионалниот спорт, но инфраструктурата е тоа што мене ме прави да прави горд на ова министерство, ме прави горд „Расадник“, ме прави горд салата што ја реконструиравме во Радовиш, каде што и градот живна, каде што сега клубот е поактивен, поамбициозен бидејќи има подобри услови за функционирање. Ќе бидам исто така горд и кога ќе го завршиме базенот во Охрид… Сакаме спортот да стане достапен за сите дечиња, најмалку во десетина градови да имаме модерни објекти кои ќе ги нудат сите услови за врвен спорт. Можам тука да најавам и дека големиот спортски центар што го ветивме пред две години, што ќе се гради во општина Гази Баба, тоа е една комплетно нова спортска сала со преку 5.000 седишта, комплексот ќе се состои од терени за најразлични спортови, ќе има базени, ќе има спа центри, со хотелско сместување каде што сите репрезентации наши и сите гости кои ќе доаѓаат ќе бидат добро примени и квалитетно ќе ја претставуваат државата“, истакнува за крај министерот Борко Ристовски.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img