Општината и болницата заедно барат начин како да се реконструира потпорниот ѕид на штипската Клиничка болница, чиј дел минатата недела се сруши и потрупа две возила. Во моментот се прават анализи колку ќе чини неговата реконструкција, ако се земе во предвид дека станува збор за камен ѕид со должина од околу 300метри и висина од неколку метри.
Тој ѕид е дотраен. Падниот дел ќе го поправиме, но мора и најургентните делови да ги средиме. Има фирма која прави сондажа и испитуваање кој дел би бил и кое ќе биде најприфатливо решение. Ние би сакале целиот ѕид да го направиме, но знаете тој е околу 300 метри долг, а гледате и другиот дел е во лоша состојба, но барем ургентните делови да ги санираме, изјави Владко Захариев, директор на Клиничка болница, Штип.
Градоначалникот на Општина Штип најави дека општината има надлежност да ја гарантира безбедноста на граѓаните, кои во моментот не се целосно заштитени.
Тој најави дека општината ќе обезбеди средства за санација на ѕидот, но ова е и можност за проширување на тесната улица која води во главниот влез на болницата.
Потпорниот ѕид на болницата е граден во педесеттите години и со текот на години почнува да станува небезбеден за сите учесници во сообраќајот, кои поминуваат покрај него.
Минатата недела по врнежите од дожд се појави свлечиште, кое го урна камениот ѕид и оградата. Материјална штета имаше на две возила,чии сопственици тој ден имале прегледи и обврски во штипската болница.








