Како што информираат од МНР, Муцунски и упати покана на Спиропали за билатерална посета на нашата земја, на која ќе бидат разгледани конкретни иницијативи за продлабочување на соработката.
Европската перспектива на двете држави и заедничките активности на патот кон Европската Унија, е една од темите на телефонскиот разговор, што попладнево го остварија министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и неговата колешка, министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали.
Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР), двајцата министри изразија задоволство од одлучната билатерална соработка и ја потврдија подготвеноста за нејзнино натамошно унапредување во сите области од заеднички интерес.
„Министерот Муцунски и упати покана на министерката Спиропали за билатерална посета на нашата земја, на која ќе бидат разгледани конкретни иницијативи за продлабочување на соработката“, се вели во соопштението од МНР.
Во разговорот е нагласена и важноста од негувањето на добрососедските односи, како и заедничкиот придонес на дветее земји кон стабилноста и безбедноста на регионот.
Министрите го потенцираа и значењето на инфраструктурното поврзување, со посебен акцент на стратешката важност на Коридорот 8, како проект од регионално значење.






