Истражувањето на „Youth Study – North Macedonia“ покажува дека дури 68% од младите во Македонија сакаат да си заминат од државата. Причините за тоа не се секогаш исти, ниту единствени, туку се комбинација од повеќе причини, но меѓу главните што ги наведуваат младите се повисокиот животен стандард, желбата за повисока плата, како и можностите за подобро вработување, а овие причини се испреплетуваат со незадоволството од институциите, корупцијата и перспективите за иднината. Истражувањето исто така покажува и дека македонското население постепено старее.
Според објавените податоци на Државниот завод за статистика на 22 септември 2026 година просечната нето исплатена плата во јули 2026 изнесувала 48.499, што претставува зголемување за 7,1% во споредба со 2025 година. Но, иако просечната бележи зголемување, сепак прашањето за животниот стандард не зависи само од номиналниот раст на платите, туку и од инфлацијата. Официјалните податоци покажуваат дека реалната нето-плата во јули 2026 година пораснала за 4,7%. А исто така и разликата со платите во европските држави останува висока, па така за повеќето не е главното прашање само дали платата расте, туку тоа е комбинација од тоа дали имам можност некаде надвор да заработувам многу повеќе или да најдам работа според професијата.
Исто така, голем проблем е и невработеноста кај младите. Имено, Северна Македонија во второто тримесечје имала 798.718 активно население, од кои 708.698 биле вработени, а 90.020 невработени, со што невработеноста изнесува 11,3%, додека во споредба со истиот период претходната година бројот на невработени се намалил за 1,5%, а бројот на вработени се зголемил за 1%. А кај младите овој процент е многу поголем и според најновите анализи изнесува приближно 30%.
Во Македонија постои и парадоксална ситуација каде невработеноста на младите е висока, а пазарот на труд има хроничен недостиг на работна сила, па дури и покрај 27.500 странски државјани кои работат во Македонија. Што потврдува дека главниот проблем не е само дали има работа.
Населението во Македонија и понатаму се намалува, па така во 2025 година, според Заводот за статистика, Македонија имала население од 1.819.074, но намалувањето продолжува и понатаму, па така природниот прираст во 2026 забележува негатива од 1.005 лица, што значи дека во овој период бројот на живородени деца е помал од починатите лица. А во 2025 година биле регистрирани раѓањата на 15.850, додека пак умреле вкупно 20.287 лица, што претставува природен пад од 4.437 лица.
ММФ директно посочува на иселувањето во Северна Македонија и наведува дека се потребни структурни реформи за ублажување на ефектите од иселувањето на младите. Во последните свои извештаи посочуваат дека економскиот раст во Македонија во 2025 бил 3,5%, а за 2026 проектираат раст од 3,1%, но во исто време посочуваат на проблемот со недоволно квалитетни работни места, со што се поставува прашањето дали Северна Македонија може да создаде доволно добри работни места што ќе ги задржат младите тука.
Истражувањето на УНФПА покажува дека иако платата во Македонија расте, сепак младите на тоа гледаат поинаку, па така повеќето млади би сакале да формираат семејство и да имаат 2-3 деца, но економските услови често ги попречуваат во тоа, но исто така, според истражувањето, за младите е особено важно и формирањето и нивната независност. Па така, иако платата во бројки расте, доколку млад човек не може да си обезбеди свое живеалиште, за него неизвесноста продолжува да расте.
И не е само фокусот на растот на платата во Македонија, туку тие ја споредуваат таа плата со платите во другите држави низ Европа каде што се отселуваат.
Сликата е многу посложена од тоа дека населението само се иселува. Звучи парадоксално што иселувањето расте, но во исто време расте и потребата од работна сила. Светска банка посочува дека државата се соочува со проблем да создаде не само повеќе, туку пред сè подобри и поквалитетни работни места со повисоки плати и дека иселувањето ја намалува работоспособната база и следствено на тоа ја зголемува потребата од странска работна сила.
Со што можеме да заклучиме дека македонскиот проблем не е дека Македонија економски не се развива, туку со кое темпо се развива таа и со колкаво темпо се развиваат другите држави каде што најчесто младите заминуваат и нивната мотивација за останување дома или по секоја цена иселување во странство.






