Рама и Вучиќ до Брисел – не инсистираме на членство, туку на пристап до единствениот европски пазар и Шенген. Преку заеднички текст, објавен во германскиот весник “Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Алексадар Вучиќ, откако порачаа дека се спремни за членство без право на вето, на масата ставија уште една опција – забрзана интеграција на подготвените кандидатки во единствениот европски пазар и Шенген .
Порачаа – не сме наивни, суровата вистина е дека ниедна нова членка не се приклучи во ЕУ од 2013та.
– Многу Европејци се прашуваат дали ЕУ може ефикасно да функционира со значително повеќе членови, а загриженоста за донесувањето одлуки, институционалната рамнотежа и политичката кохезија е легитимна. Не сме наивни, тие аргументи имаат тежина, стои во заедничкиот текст.
Под точката „болни реформи“, Рама и Вучиќ велат дека Албанија, Србија и целиот регион поминаа низ длабоки и тешки трансформации – политички, економски и институционални – кои пред десет години изгледале невозможни.
Порачуваат дека предложениот модел носи двојна корист: земјите кандидатки би добиле конкретни и брзи придобивки за своите граѓани преку пристап до единствениот пазар и слободно движење, додека ЕУ би ја зајакнала својата економска моќ и геополитичко влијание, без да го усложни процесот на одлучување во рамките на Унијата.
– Заемни придобивки:
Нема да подразбира право на вето, дополнителни комесари, членови на Европскиот парламент или промени во структурите за гласање. Убедени сме дека ова би ги ублажило загриженостите на оние земји-членки кои се двоумат за понатамошно проширување – не само затоа што би им било значително полесно убедливо да го претстават процесот на својата јавност. Проширувањето на ЕУ никогаш не било чин на добротворност. Тоа било заемно корисна инвестиција, стои во текстот.
Пред неколку дена, основачот и директор на влијателниот германски тинк-тенк „Европската иницијатива за стабилност“ Гералд Кнаус, за ТВ 24 порача дека идејата за членството во ЕУ без право на вето е идеја во ќор сокак, но отвора врата за концептот – приклучување на единствениот европски пазар до 2028ма година. Кнаус кој претходно беше во посета на регионот, изјави дека во ЕУ нема расположение за ново проширување, дека кандидатките треба да водат паметна политика и на масата пред Брисел да стават нов концепт со реални шанси за успех.








