Премиерот на Албанија, Еди Рама остро реагирше на одлуката да му се оддаде државна почит на починатиот Ратко Младиќ, осуден за воени злосторства кого Рама го нарече „Балканскиот касап“.
Зборувајќи за односот на Србија со Европската Унија, Рама рече дека ваквите случаи се причината зошто Србија треба да биде на европската маса и да биде одговорна за своите ставови и постапки.
„Не можете да одржите државен погреб за касап“, изјавил Рама, пренесуваат албанските медиуми, тврдејќи дека изолирањето на Србија не е вистинското решение.
Тој ја опиша Србија како „многу интересен и чуден вид животно во џунглата на Западен Балкан“, прашувајќи дали е подобро Белград да биде дел од европската маса или да биде оставен во ситуација каде што влијанијата на Европа, Кина, САД и Русија се испреплетени.
Во овој контекст, Рама го поврза случајот со Србија со неговата визија за проширување на ЕУ: земјите-кандидатки, според него, треба постепено да се приближуваат кон европските структури и да бидат на маса, исполнувајќи ги критериумите и соочувајќи се со политичките барања на земјите-членки.
И премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ зборувајќи на 52-от Форум во Чернобио, рече дека проширувањето на ЕУ треба да се забрза, но со пристап базиран на заслуги и исполнување на критериуми.
Во исто време, тој предупреди и за важноста на почитувањето на фундаменталните вредности, велејќи дека величењето на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ „е отстапување од сè што е во темелите на европската интеграција“.
„Некој што доделува државни почести на осуден воен злосторник не разбира што е Европската Унија, не ги дели истите вредности на демократија, владеење на правото и почитување на човековите права, а камоли солидарност со нив“, рекол тој.
Медиумите во Белград известуваат дека Младиќ ќе биде погребан во понеделник, 7 септември, во Белград. Министерот за правда на Србија, Ненад Вујиќ претходно соопшти дека погребот ќе се одржи со највисоки државни почести.
Сепак, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека конечната одлука ќе биде оставена на семејството.






