Поранешната репрезентативка на Македонија, Валентина Радуловиќ, се огласи по информацијата од Министерството за внатрешни работи дека е наводно вмешана во криминал поврзан со издавање лични документи.
Радуловиќ преку објава на социјалните мрежи категорично ги демантираше обвинувањата, нагласувајќи дека нема никаква поврзаност со криминални дејствија и дека нејзината намера била исклучиво да му помогне на пријател.
„Категорично ги отфрлам обвинувањата за наводно мое инволвирање во незаконски дејствија поврзани со издавање лични документи. Моја лична порака до пријател, вработен во МВР на одделот за издавање пасоши, со цел ургенција за блиски лица на кои итно им беше потребен нов пасош со новото име, некаде на почетокот на 2024 година, кога имаше застој во издавањето, е злоупотребена и претставена како моја наводна инволвираност. Не можев ни да замислам дека една пријателска ургенција ќе биде злоупотребена во ваков контекст. Доколку навистина постои каква било постапка во која сум инволвирана, подготвена сум сè да докажам пред која било институција“, стои во нејзината реакција.
Поранешната репрезентативка зад себе има повеќе од 200 настапи во дресот на македонската репрезентација, при што постигна над 800 голови.









