Бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека не гледа простор за средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, бидејќи, според него, проблемот повеќе не е билатерален, туку е прашање меѓу Македонија и Европската Унија.
„Нема простор за таква средба, бидејќи проблемот не е билатерален. Мицкоски има проблем со Европската Унија“, изјави Радев пред бугарските медиуми.
Тој порача дека Македонија отсега треба да ги убедува европските институции дека ги почитува човековите права, го применува владеењето на правото и може да ја гарантира безбедноста на дипломатските претставништва на својата територија.
Изјавата следува по палењето на две службени возила на бугарската амбасада во Скопје, случај за кој е приведен 44-годишен скопјанец и е поведена постапка за предизвикување општа опасност.
Радев го поврза инцидентот со политичката атмосфера во Македонија и го обвини државното раководство дека поттикнува нетолеранција, говор на омраза и искривување на историјата.
Според него, ваквата политика е спротивна на интересите на македонските граѓани, кои очекуваат побрза европска интеграција.
Бугарскиот премиер повторно го отвори и прашањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, оценувајќи дека тоа е услов договорен со сите земји членки на Европската Унија и дека неговата цел е заштита на нивните права.
Изјавата на Радев доаѓа во период на повторно заострена реторика меѓу Скопје и Софија и по пораките на Мицкоски дека нема да прифати уставни измени без јасни гаранции дека Македонија нема повторно да биде изложена на билатерални блокади.
Мицкоски останува на ставот дека државата не треба да влезе во процес без извесен крај и без гаранции дека по внесувањето на Бугарите во Уставот нема да следуваат дополнителни барања поврзани со идентитетски и историски прашања.
Радев, пак, тврди дека договорената рамка повеќе не остава простор за нови билатерални преговори и дека македонските власти треба да ги исполнат обврските преземени пред Европската Унија.
Со одбивањето на директна средба, бугарскиот премиер испрати порака дека Софија нема намера повторно да разговара за веќе усвоените европски услови, додека македонската Влада бара дополнителни гаранции пред да го отвори патот за уставните измени.








