Износот на дневниците, кои достигнуваат нешто над 10 евра, и нерешените барања од страна на Министерството за правда и Судскиот совет се причина за мирниот протест на судиите-поротници во Основниот кривичен суд Скопје, поради што ќе бидат одложени дел од судските расправи. Од кривичен со поддршка за колегите поротници.
„Судиите-поротници при Основниот кривичен суд Скопје, почнувајќи од 7 јули 2026 година, ќе започнат мирен протест и нема да учествуваат на дел од судските расправи, поради долгогодишниот проблем со дневниот надомест и нерешените барања од страна на Министерството за правда и Судскиот совет. Во однос на барањата на судиите-поротници, како суд сметаме дека улогата на судијата-поротник е исклучително значајна и дека нивната посветеност, одговорност и придонес се неопходни за правилно и законито спроведување на голем број судски постапки. Без нивното учество, значителен број судења не можат непречено да се одвиваат“, соопштуваат од Кривичниот суд.
Поротниците ја имаат поддршката и од Судскиот совет. Оттаму велат дека Советот повеќепати укажувал на проблемот со кој се соочуваат, додавајќи дека со него се запознаени и Владата и ресорното Министерство за правда.
„Судскиот совет се обрати и до Министерството за правда и до Владата за да укажеме дека состојбата е алармантна и дека дневниците се ниски“, велат од Советот.
Телевизија 24 побара став и од Министерството за правда во однос на барањата на судиите-поротници, но до објавувањето на овој прилог не пристигна одговор.
Инаку, засега нема информации колку рочишта ќе бидат одложени, но од Службата за односи со јавност на Судот наведуваат дека непречено ќе се одвиваат рочиштата што ги води судија поединец, без учество на поротници.






