По пет години под клуч, луксузниот црногорски остров хотел, Свети Стефан, повторно ги отвори вратите и веќе работи со полн капацитет. Отворен и распродаден е и блискиот хотел „Вила Милочер“, кој го има истиот концесионер.
Првите гости се од Киев и од Велика Британија, а одговорните велат дека интересот за остатокот од сезоната е неверојатен. Како што неофицијално открива „Монитор“, цените за ноќевање со појадок се движат од 1.500 до 6.000 евра.
Свети Стефан можат да го посетат и туристи што не отседнуваат таму, но само со водич и под посебен режим. Турата низ Свети Стефан чини 25 евра и трае помеѓу 30 и 40 минути, во кои водичот ја раскажува историјата на островот. Во текот на денот има две такви тури, во 11:30 и во 16:00 часот, а бројот на лица е ограничен на десетина возрасни.
Има и нови правила за пристап до плажите и до познатиот мост што го поврзува копното со островот, што беше предмет на бројни контроверзии. По мостот може да поминат ограничен број туристи за да се обезбедат непречен премин на гостите на хотелот и безбедно фотографирање.
Половина од левата плажа е без лежалки за изнајмување и е достапна за сите туристи, додека Краљева плажа и хотелските плажи се за гостите на хотелите. Цената за изнајмување две лежалки и чадор за сонце, заедно со услугата, изнесува од 220 до 250 евра, а по пет бесплатни сета лежалки и исто толку паркинг-места се одвоени за мештаните.






