Вчера полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Охридско езеро во водите на Охридското езеро извршиле акциски контроли поврзани со кривичното дело „незаконит риболов“, како и пронаоѓање рибарски мрежи и друг риболовен алат и прибор.
Притоа, како што информираат од МВР, на потегот помеѓу струшките села Калишта и Радожда пронајдени биле 20 т.н. висечки рибарски мрежи, кои се најстрого забранети за вршење лов на риба, во вкупна должина од околу 4.000 метри со улов од 872 парчиња риба – Охридска Белвица и вкупна тежина од 116,9 килограми.
По насоки на јавен обвинител, полициските службеници од езерската полиција и од Регионален центар за гранични работи Запад од езерото ги подигнале рибарските мрежи заедно со уловот, по што бил известен надлежниот инспекторат за рибарство.
„Во наредниот период, Полициската станица за граничен надзор Охридско езеро ќе продолжи со спроведување на засилени акциски контроли со цел сузбивање на незаконитиот риболов, како и пронаоѓање на лица сторители на ова кривично дело и заштита на рибниот фонд на Охридското езеро“, порачаа од МВР.






