Денеска во судница ново рочиште за случајот Талир за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ откако претходното кое се одржа кон крајот на јануари беше одложено. Судењето го води судијата Илија Трпков, а годинава започнува по шести пат од почеток, бидејќи истекоа 90 дена од последното одржано рочиште кога е расправано по овој предмет.
Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски и поранешните партиски функционери Миле Јанакиески, Илија Димовски и Леко Ристовски.
На претходните рочишта бранителите побараа изземање на обвинителката Ленче Ристоска, наведувајќи дека нејзините конфликти со партијата влијаат на нејзината непристрасност.
Ристоска, која поднесе тужба за клевета против ВМРО-ДПМНЕ и пријави притисоци од премиерот Христијан Мицкоски, вели дека постапува објективно и го известила Републичкото јавно обвинителство за ситуацијата
Ристовска истакна и дека ова е третото барање за нејзино изземање и дека обвинетите очигледно не сакаат таа да ја води постапката. Судскиот процес против партијата и обвинетите се води од 2019 година, а дел од обвиненијата за злоупотреба на службената положба застареа, па остана само обвинението за перење пари.








