Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, упати честитка по повод големиот христијански празник Свети Николај Чудотворец – патрон и заштитник на градот, истакнувајќи дека овој ден има особено значење за сите прилепчани.

Тој нагласи дека Св. Никола во Прилеп не е само верски празник, туку ден на заедништво, солидарност и отворени домови, длабоко вкоренет во духовниот и општествениот живот на градот.

Оваа година, како што посочи Проданоски, се одбележуваат 20 години од одлуката Свети Никола да биде патрон празник на Прилеп, донесена по иницијатива на граѓаните во 2006 година, што претставува силна потврда за почитта кон традицијата и хуманите вредности.
Проданоски упати благодарност до годинашните домаќини на градската слава, компаниите „Матадор“ и „Бимфоод“, за нивниот придонес и достоинствено организирање на чествувањето, како и честитки до компанијата „Рустика“, која го презема кумството за наредната година.

Според него, достоинственото одбележување на јубилејот е доказ дека Прилеп ги чува своите корени и заеднички ја гради иднината како отворен и препознатлив град.
Во името на Локалната самоуправа и во свое лично име, Проданоски им го честиташе празникот на сите прилепчани, со желби Св. Никола да донесе здравје, мир, среќа и бериќет во секој дом.







