домаМакедонијаПрилеп гради нови меѓународни партнерства: Проданоски со средби во Швајцарија и Холандија

Прилеп гради нови меѓународни партнерства: Проданоски со средби во Швајцарија и Холандија

- Advertisement -spot_img

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, информираше дека во изминатиот период бил дел од две значајни меѓународни посети во Швајцарија и Холандија, кои, како што истакна, овозможиле размена на искуства, стекнување нови знаења и воспоставување контакти што можат да придонесат за понатамошниот развој на Прилеп и Пелагонискиот регион.

Во рамките на официјалната посета на Општина Ешалан во Швајцарија, Проданоски остварил средба со градоначалникот Серж Борник, претставници на локалните институции, политички чинители и членови на македонските здруженија кои дејствуваат во овој регион.

На средбите биле отворени повеќе теми од заеднички интерес, при што акцентот бил ставен на локалниот развој, заштитата на животната средина и можностите за идно продлабочување на соработката меѓу локалните заедници.

Особено внимание, според Проданоски, привлекле посетите на пречистителната станица за отпадни води, центарот за производство на растенија и одржување на зелените површини, како и центарот за собирање и рециклирање отпад. Станува збор за современи системи за управување со ресурсите кои претставуваат успешни примери на одржлив развој и еколошка одговорност.

„Тоа се практики од кои можеме да извлечеме значајни искуства и идеи што би можеле да најдат примена и во нашата локална заедница“, посочува градоначалникот.

Како дел од македонската делегација составена од претставници на повеќе институции од државата, Проданоски присуствувал и на традиционалната манифестација „Македонски денови“, на која биле промовирани македонската култура, традиција и национални вредности.

Во рамките на посетата биле остварени и средби со иселеници од Македонија кои живеат и работат во Швајцарија.

„Нашите иселеници со својата работа, посветеност и успеси достојно ја претставуваат Македонија и претставуваат важен мост на соработка меѓу двете земји“, истакна Проданоски.

Покрај посетата на Швајцарија, градоначалникот учествувал и во студиска посета на Холандија организирана од „Про Локал“ во рамките на проектот ПЕЛО, поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија.

Заедно со градоначалници од Пелагонискиот регион и претставници на бизнис заедницата, делегацијата имала можност да се запознае со успешни европски практики во областа на одржливиот развој, иновациите, младинските политики и циркуларната економија.

Во Амстердам делегацијата посетила пример за успешна трансформација на поранешен индустриски простор во современ и одржлив развоен центар, додека во Хаг била реализирана средба со градоначалникот Јан ван Занен.

На средбата се разговарало за предизвиците поврзани со климатските промени, управувањето со отпадот, локалниот економски развој и создавањето подобри услови за младите.

Особен впечаток оставиле посетите на Асоцијацијата на холандски општини, Академијата за локално управување, иновацискиот центар „Титаан Хаб“ и Техничкиот универзитет во Делфт.

Според Проданоски, токму таму можело одблиску да се види како институциите, образовните установи, бизнис секторот и граѓанските организации преку заедничка работа создаваат нови можности за развој, иновации и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Градоначалникот нагласува дека најважната порака од двете меѓународни посети е дека долгорочниот развој се темели на партнерства, визија и соработка.

„Добрите практики и искуствата што ги видовме ќе имаме можност да ги преточиме во конкретни иницијативи и проекти во интерес на граѓаните на Прилеп“, порача Проданоски.

Тој упати благодарност до домаќините во Швајцарија и Холандија за гостопримството, отвореноста и подготвеноста за споделување искуства, оценувајќи дека ваквите средби претставуваат цврста основа за воспоставување нови партнерства и реализација на идни проекти кои ќе донесат конкретни придобивки за Општина Прилеп.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img