По години во кои повлекувањето на езерото го менуваше лицето на преспанскиот брег, годинава водата повторно се врати. Со неа се вратија и луѓето – на плажите, покрај водата, на зајдисонцето и во селата што летно време повторно го добиваат својот препознатлив ритам. Од Крани до Долно Дупени, прекуден одново одекнува детскиот џагор од водните лудории, а навечер, тивките и мечтателни воздишки експлодираат пред крајбрежното зајдисонце и пејзажите што изгледаат како создадени за фотографија. Повторно, да се биде во Преспа, макар и краткотрајно, е привилегија и благодат. Причина повеќе преспанската приказна да биде жива во текот на целата година
Марија САРЕВСКА-ТОДОРОВСКА
Фото: Игор ТОДОРОВСКИ
Првата асоцијација за летна дестинација најчесто е поврзана со водата. Тој неисцрпен извор на живот, таа материја што нема боја, а знае да му даде боја на животот, природно се поврзува со свежината, слободата и со радоста – со оној краток период од годината кога се чини телото полесно, а душата бестежинска.
А прашањето, можеби, не е секогаш море или езеро, планина или плажа, туку Охрид или Преспа. Или дури, каде прво, а каде последно за сезонава.
За среќа, и овој пат, благодарение на природните текови, а не на човечката грижа и интервенција, преспанските жители и сите оние што ја сакаат Преспа со нескриен восхит ја примија информацијата дека годинава е зголемено нивото на езерото. Од месец во месец се нижеа познати, а, сепак, видоизменети фотографии од природните убавини на Преспанскиот Регион: езерото повторно поблиску до брегот, залулано во цврстите, а нежни планински прегратки.
Села и плажи нанижани како преспански јаболка
Јужниот дел на македонскиот преспански крај, со селата и со плажите распослани покрај езерскиот брег, годинава повторно живее во својот летен ритам. Во Долно Дупени, Сливница, Претор и Крани, Преспа се доживува непосредно – како пејзаж што сè уште му припаѓа и на човекот што живее таму, а не само на посетителот што доаѓа во лето.
Она што и понатаму најмногу восхитува е тоа што на патот кон најјужната страна, која завршува со селото Долно Дупени и сега веќе легендарната, повторно оживеана плажа „Дупени бич“, Преспа се отвора поинаку – тивко, широко, со речиси ненагласени туристички траги.
Овде се останува на плажа до зајдисонце и уште малку, прво за незаборавни фотографии, а потоа и за тихување и соединување со езерскиот пејзаж. Во ретки моменти може да ви се причини дека и вие станувате дел од последната сончева точка што се стопува со пламтењето над планините.
Долно Дупени е едно од најјужните населени места во македонскиот дел на Преспа, сместено во подножјето на Баба, а погледот кон езерото постепено станува дел од секојдневниот пејзаж. Овде природата и селскиот простор сè уште се допираат без јасна граница.
Наместо големи туристички комплекси, крајбрежјето го задржува чувството на место во кое летото доаѓа без многу врева, но со сите свои промени.
Брегот не е ист во мај, во јуни или во август. Ако сте ги следеле промените на повлекувањето и надоаѓањето на водата низ годините, точно можете да ги препознаете точките каде што сте седеле на суво или во вода пред десет, пет или една година.
Да ги читате трагите на промените во песокот, во искршените школки исфрлани со водата на брегот или во новопронајдените школки во водата, кои може да ги извадите сами, дури и без маска за нуркање – ваше е дали ќе ги оставите неотворени, засекогаш зачувувајќи ја мистеријата дали, можеби, е скриен бисер во некоја од нив. Тајната ќе ја понесе со себе оној кому ќе му ја подарите.
По брегот, низ пејзаж во кој се менуваат ниви, овоштарници, селски куќи и езерскиот хоризонт, патот води кон Сливница. Сливница е една од омилените плажи на оваа страна од Преспа. Над селото, во густата листопадна шума на падините на Баба, се наоѓа сливничкиот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што може да се наполни лековита вода и да му се препуштите на просторот создаден за тихување, како да се предавате во сеопфатна, безгранична прегратка на духовноста.
Некогаш едно од препознатливите летни собиралишта на оваа страна од Преспа, Претор и денес е место на кое се доаѓа за езеро, плажа и за одмор. По сезоната, повторно ѝ се враќа на тишината карактеристична за овој дел од котлината.
Крани, пак, ја заокружува сликата на јужна Преспа со својата непосредна близина до езерото и со селскиот амбиент. Тука Преспа не е само туристичка дестинација туку и простор во кој езерото, обработливото земјиште, куќите и патиштата се дел од ист пејзаж.
Токму во тие мали премини – од село кон брег, од пат кон плажа, од ниви кон езерскиот хоризонт – се препознава карактерот на овој дел од преспанскиот крај.
Богатства што се берат по пат
Во овој дел од Преспа не се оди само на плажа. По патот секогаш има причина да се застане.
Една од нив е Курбиново, каде што, во пазувите на Баба, се наоѓа црквата „Свети Ѓорѓи“, подигната во втората половина на 12 век и прогласена за споменик на културата. Најпрепознатлива е по фреската на ангелот на благовештението, чиј лик е пресликан и на банкнотата од 50 денари.
Иако црквата во моментов не е отворена за посета поради реставраторските работи, патот кон неа, сепак, секогаш води до величествен поглед кон планината и особено кон панорамата на речиси секогаш мирното Преспанско Езеро.
Зашто во овој дел од Преспа не одите само за плажа и капење, или затоа што тука е семејната куќа на вашите предци, или затоа што доаѓате на викенд по препорака и покана на пријатели.
Деновите не се планираат, туку околината ве повикува да го исполните денот со убавините што ве застануваат по пат.
Ако престојувате во непосредна близина на преспанските плажи, ќе се уверите дека еднократната посета на живописните села во подножјето на Баба нема да биде доволна.
Преспанското село Љубојно е едно од местата покрај кои не може едноставно да поминете. Препознатливо по архитектурата со карактеристики на мала градска населба и старите автентични куќи од традиционалната архитектура и познато по своите девет цркви и три параклиси, Љубојно е заштитено како национално културно наследство. Понекогаш, поминувајќи низ селото, ви се чини како да се разминувате со некој простор во кој делови од минатото сè уште стојат пред очите.
Не може а да не застанете, макар и кришум, да се фотографирате покрај некоја од куќите – жива или оставена каква што била од времето, како замрзната фотографија од некои други времиња.
Понатаму, патот води кон Брајчино, селото низ кое протекува Брајчинска Река, позната по кристално чистата вода, делејќи го на Горно и Долно Маало. Застанувате да починете, да си наполните планинска вода и да го почувствувате избликот на животот што протекува низ вас.
Тука треба да отпочинете и за празникот Света Петка, кој традиционално се слави на 7 и 8 август, како главна селска слава и повод за „Брајчинските средби“.
Преспа не е место каде што треба нешто да се прави
Затоа, кога ќе праша некој што има интересно да се прави во Преспа, остроумниот познавач на Преспа ќе го доживее тоа како реторичко прашање. Оти Преспа не е место каде што треба нешто да се прави, каде што посетителот треба да се забавува на традиционалниот, однапред претпоставен начин. Тука не доаѓате по улична врева, сувенири или забава.
Овде и упатениот и љубопитниот посетител еднакво знаат зошто се доаѓа: не да се земе, туку да се прими.
Да се впие бесценетата убавина распослана од небото до земјата и помеѓу, свежиот планински воздух помилуван од благите езерски води, многувековното духовно наследство распослано на височините, природната убавина позајмена од траењето, конзервирана на простор што не припаѓа никому и никаде, освен на божественото.
Тука не ви се потребни ни фотографии, секој незаборавен и неповторлив момент станува полароид-фотографија во виртуелната меморија.
Понесувате чувство дека сте биле дел од нешто што не се случува само во лето – тој екот на тивката питомина по кој се препознава Преспа.






