Премиерот, Христијан Мицкоски, замина на најавуваната екскурзија во Белгија, за која самиот рече дека ќе ја помине со четири дена престој во Бриж и четири во Брисел.
Но од Владата за Телма информираат дека посетата на Белгија на премиерот освен приватен има и службен карактер – приватниот дел од патувањето ќе биде во Бриж, додека службениот ќе го помине во Брисел.
Од таму не наведуваат која институција тој службено ќе ја посети и со кого Мицкоски службено ќе се сретне во Брисел, со оглед дека администрацијата на Европската унија во овој период до 15 август е формално на колективен одмор.
На прашањето на Телма дали на екскурзијата во Белгија премиерот ќе патува со комерцијален лет или со државниот авион, од владата информираат дека тој за Белгија заминал со лет за Виена, сместен на седиштето 11д.
Од владата наведуваат дека премиерот сам си го плаќа патувањето, а согласно меѓународниот протокол за неговото патување е информирана државата каде тој патува но и македонската амбасада во Белгија.






