По скандалозните измени на Кривичниот законик, од пред две години, кога од кривичен прогон се спасија голем број функционери и пропаднаа повеќето случаи на СЈО, веќе оддамна требаше да бидат донесени законските измени на КЗ, а веќе отчукува часовникот и за новиот Кривичен законик.
Извори на ,,Фокус” коментираат дека веќе нема никаква логика да се носат измените, на кои исто така се работеше во изминатите месеци, бидејќи до крајот на годината е рокот и за носење на новиот Кривичен законик.
Од Министерството за правда, за ,,Фокус” тврдат дека до крајот на годината ќе биде донесен новиот КЗ.
-Новиот КЗ е подготвен, преведен на англиски јазик, се прават коресподентните табели. Рокот за негово носење според Реформската агенда е декември.
Со новиот Кривичен законик правиме севкупна систематизација и уредување на кривичните дела, вклучително и оние што се однесуваат на злоупотребите во вршење на јавна функција. Главната цел ни е да создадеме попрецизни, поефикасни и подобро применливи кривичноправни решенија наместо формално постоење дела, кои во практика тешко се докажуваат или се применуваат нерамномерно, ни одговорија од Министерството за правда.
Оттаму додаваат дека гонењето на корупцијата ќе биде усогласено со европските стандарди.
-Она што е клучно за граѓаните е дека ќе има јасни и остварливи механизми за гонење корупција, злоупотреби и институционален криминал – но во форма што е усогласена со европските стандарди и препораки, додават од Министерството.
Но, она што е важно да се напомене, е дека овој закон ќе важи за кривичните дела што функционерите ќе ги сторат во иднина, односно нема да ги поправи грешките од минатото и да ја поништи амнестијата која ја добија.
Пред неколну дена за потребата од брзо носење на КЗ алармираше и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
-Кривичниот законик има направено непоправлива штета. Во нашата држава царува неодговорноста, а неказнивоста со тој закон само продолжи. Ние одредивме рок од 6 месеци за измени, рокот истече во август. Имавме разбирање како суд за изборниот процес и јас како претседател сум должен да постапувам, а Собранието е должно да го почитува Уставот, а со тоа да ги почитува и нашите одлуки. До овој момент го нема сторено тоа, кажа претседателот на Уставниот суд.
Ако Уставниот суд на наредната седница, хипотетички го стави предметот на Дневен ред и го укинеме, ние ќе станеме исти како оние кои ги донесоа спорните одредби. Доколку Уставниот суд го укине Законот, не се враќа во живот старото законско решение и тоа ќе биде едно зелено светло да може да се краде колку што се сака и никој да не одговара, рече Костадиновски во интервју за Топ тема на Телма.
Тој посочи дека веќе најавивил дека доколку Собранието до последната седница на Уставниот суд во декември не ги направи измените, тој ќе го стави на дневен ред предметот и ќе одлучуваат.
-Мој личен став е доколку Уставниот суд го поништи целиот закон за измените на КЗ, во своето образложение ќе каже зошто го поништува, бидејќи е донесен во нетранспарентна постапка без јавна расправа, тогаш според мое мислење, се враќа во сила претходното правно правило. Или поедноставно да кажам, поништувачкиот ефект има колективна правна амнезија, како да не се случило. Ова е многу важно,а сосема е различно ако Уставниот суд одлучи да поништи некои одредби од закон, тогаш е различно и ефектот ќе биде различен. Ние изразивме сомнеж за целиот закон. Многу е важна оваа диференција што ја кажувам, како нашата одлука ќе ја применуваат судовите. Истата дилема беше отворена со одлуката за помилување и тогаш и по тие расправи гледам дека нема единствено мислење. Ако се поништи цел закон, тогаш во живот се враќа старото законско решение. Ако Собранието одлучи да постапи по нашата постапка, не може преку ноќ, со европско знаменце да го донесе Законот, изјави претседателот на Уставниот суд.








