Парламентарното мнозинство во македонското Собрание закажа нов тест по кој ќе се види дали може да обезбеди Бадентерово мнозинство за донесување на повеќе закони кои со месеци се блокирани во законодавниот дом. На седницата закажана за следниот вторник, според веќе утврдениот дневен ред, ќе се разгледуваат предлози за промени во десетици закони по итна постапка, а за чие усвојување ќе биде потребно и гласање со двојно мнозинство кое досега не можеше да се обезбеди. На најавената седница нема веднаш да се гласа според Бадентеровиот принцип туку прво ќе се утврдува потребата за донесувањето на овие законски промени по итна постапка. За тоа не се потребни гласовите на мнозинството од пратениците кои им припаѓаат на помалку застапените етнички заедници, што значи дека парламентарното мнозинство не би требало да има проблем во оваа прва фаза. По неа, на ред треба да дојдат разгледувања на предлозите по комисиите и потоа финално гласање за кое ќе биде потребно да се обезбеди поддршка на повеќе од половина на пратениците кои им припаѓаат на етничките заедници, зависно дали се гласа по принципот на „мал“ или „голем бадентер“.
Собранискиот спикер Африм Гаши на денешниот брифинг со новинари призна дека има проблем со обезбедувањето на Бадентеровото мнозинство.
–Јасно е дека Собранието има проблем околу гласањето на законите за кои е потребно двојно Бадентерово мнозинство. Но, за сè во демократијата треба разговор и дијалог, за да има решение. Со сите пратеници разговараме, бараме начини како да ги надминеме овие разлики. Се надевам дека во блиска иднина ќе најдеме решение да се договориме. Битно е Собранието да профункционира – нагласи Гаши.
Во македонскиот парламент, поради оваа причина, веќе е блокирано донесувањето на повеќе закони. Познато е, веќе одамна не може да се донесат измените во Законот за локална самоуправа кои предвидуваат можноста за распишување на граѓански референдуми по општините за смена на градоначалниците во случај на нивна лоша работа. Неодамна беше блокирано донесувањето на новопредложениот закон за соодветна и правична застапеност, кој ги предвидува постапките за вработување на припадниците на помалите етнички заедници во државните служби. Текстот на овој закон ја помина цела собраниска процедура и дојде до фаза на гласање, по што се утврди дека парламентарното мнозинство располага само со гласови на 14 пратеници, наспроти 18 пратеници од немнозински заедници од редот на опозициските партии предводени од ДУИ. Неизвесно е, воопшто, кога ќе се гласа за усвојување на овој закон, иако спикерот Гаши на неодамнешниот брифинг изјави дека „наскоро“ ќе биде ставен на дневен ред на некоја собраниска седница. Опозициската ДУИ најави и блокада на новиот закон за високо образование и на неколку други закон од сферата на образованието, а кои се веќе во собраниска процедура на разгледување.
На претстојната седница треба да почне постапка за итно усвојување на промените во десетина закони, врзани за потребата нивните одредби да се усогласат со новодонесениот Закон за висока раководна служба. Но, доколку на крајот од процедурата не се обезбеди Бадентеровото мнозинство и тие ќе бидат ставени во собраниските фиоки. Меѓутоа, доколку постапката, пак, ќе покаже дека таквото мнозинство е обезбедено, тогаш ќе се отворат врати и за усвојување на сега блокираните закони.
Блокираните промени во Изборниот законик ќе одат на разгледување по парламентарни политички партии за да се види дали има можност за некаков договор за нивно усвојување. Ова било најавено на вчерашната координација на претставниците на парламентарни пратенички групи во македонското Собрание. По актуализирањето на оваа тема, претставниците изјавиле дека ќе одржат внатрепартиски консултации за да се види дали и натаму стојат на истите, спротивставени, ставови или, пак, има можност за одредени отстапувања во име на постигнувањето на компромисот. Координаторите сè уште не добиле најавена покана од министерот за правда Јетон Шасивари за организирање средба на посебната работна група.






