Пожарите трет ден се уште се активни во неколку области во Грција, а пожарот во јужниот дел на Ретимно на Крит им предизвикува најголеми проблеми на пожарникарите.
Екипите на терен се обидуваат да го локализираат главниот пожарен фронт во областа Агија Параскеви, додека нов пожар е регистриран во Аркадија.
Пожарот на Парос повторно се активирал.
Според информациите од Координативниот центар, гаснењето на пожарот во Ретимно е отежнато од силните ветрови и непристапниот терен, што доведува до повторно ширење на пожарот на одредени локации.
Поради зголемениот ризик од нови пожари, властите привремено го ограничија сообраќајот и престојот на граѓаните во одредени шумски области на Патрас.
Забраната важи од 21:00 до 06:00 часот и се однесува на неколку шумски патишта и заштитени зони.






