Четири случаи со мали сипаници потврдени во земјава – вирусот откриен кај тројца македонски државјани од Скопје, Велес и Штип и кај еден од Косово. Меѓу заразените и три бебиња под 12 месеци, еден е на 40-годишна возраст – сите биле невакцинирани. Во тек се епидемиолошките анкети – се проверува дали има поврзаност меѓу случаите. Заседаваше и комисијата за заштита од заразни болести – апел до родителите да ги вакцинираат децата, за да се спречи ризик од ширење на заразата.
„Вакцинирајте се, проверете дали имате две дози од вакцината и дали сте ја прележале болеста. Доколку имате температура и исип не одете на доктор јавете се на доктор. Сипаниците се високо заразни и секое одење во чекална го зголемува ризикот од проширување на сипаниците“, изјави Сашо Клековски – министер за здравство.
Опфатот на имунизација против мали сипаници со години наназад е под прагот за колективен имунитет – лани, само 62 проценти од децата примиле прва доза МРП – вакцина.
Дополнителна загриженост предизвикува нискиот опфат на вакцинација во некои скопски општини, каде секое трето дете не е имунизирано против морбили.
Епидемија на мали сипаници веќе прогласија земји од соседството – во Косово има речиси 150 заразени, Бугарија пријавила над 500 инфицирани. Пред седум години, епидемија имаше и во земјава, која заврши со повеќе од две илјади заразени и четири смртни случаи како резултат на компликации.






