Минимална плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за 6.000 денари ќе повлечат една милијарда и 250 милиони евра за масата за плати во јавниот и во приватниот сектор, кажа гувернерот на Народната банка, Трајко Славевски во синоќешното интервју во „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
Тој вели дека не е случајно што сите не го поддржуваат тоа барање.
„Занаетчиската комора, малите и средни претпријатија. Една милијарда и 250 милиони евра, знаете што би значело тоа? – Тоа би значело потоп за илјадници претпријатија во Македонија и масовна невработеност“, истакна гувернерот.
Од позиција на Народна банка, Славески вели дека тоа би значело повисока инфлација, драстично, поголема цена на кредитите, и станбени и потрошувачки.
„Некој мора да ја плати цената. Нема бесплатен ручек“, предупреди Славевски.









