Југозападниот и Пелагонискиот регион под вода.Најкритично во Охрид, Ресен и Битола.Поплавени се десеттина куќи во охридското село Орман .Поради одрони и поплави затворен е дел од патот Охрид Свети Наум.
Жителите велат ова не е само временска непогода,туку и човечки фактор, дивоградби, но и негрижа – нередовно чистење на коритото и каналите.Родот во село Орман е потполно уништен, нивите и овоштарниците се под вода. Жителите велат ќе поднесат пријави и тужби до сите институции.
Од општина Охрид информираат дека од утринава ситуацијата е под контрола но се следи постојано бидејќи водотеците се на високо ниво.
„Во делови од градот, водата достигна повисоко ниво, поради што беше неопходно испумпување за да не се предизвикаат штети врз објектите.Покрај справувањето со поплавените површини, екипите на јавните претпријатија интервенираа и на неколку локации каде што силниот дожд и ветерот предизвикаа пад на дрвја, со што беа блокирани делови од јавните површини.Општина Охрид упатува апел до граѓаните да се воздржат од движење низ ризични подрачја каде што има зголемено ниво на водата и да пријавуваат критични состојби кај соодветните надлежни служби.” – Општина Охрид.
Уште покритично е во Ресен.Од ЦУК информираат дека поплавени се над 50ина куќи но и магацини како и земјоделски површини.
„Во Општина Ресен, како последица на обилните врнежи, дошло до излевање на реките Болнска и Источка во селата Царев Двор и Дрмени, со што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделски површини.Ангажирани се екипи на јавни претпријатија и приватни фирми со вкупно 4 багери, 7 пумпи и повеќе приватни пумпи за црпење на вода. На регионалните патишта има наноси од земја кои се расчистуваат по приоритет.”- ЦУК.
Градоначалникот Тозиевски вели кризниот штаб е постојано на терен.Штети има.
Сериозна состојба е пријавена и во Битола, каде што екипите работат во повеќе подпелистерски села, меѓу кои Нижеполе, Дихово, Цапари, Породин, Жабени и други. ЈП „Нискоградба“ и АД Водостопанство подигаат насипи на Драгор кај Долно Оризари, а на мостот во Карамани се расчистуваат гранки и отпад за да се овозможи поголем проток. Поради вода на коловозот, затворени се делниците Лера–Доленци и патот кон Цапари. Нивото на реката Црна се искачи на 2,7 метри, а Водовод-Битола работи на дефект кој остави без вода повеќе населени места од Кравари до Меџитлија.
Пријавени се поплавени подруми, дворови и ризични канали. Во Прилеп пак пријавено е паѓање таван на куќа на ул. „Кајмакчалан“ како последица од дождовите.








