HomeМакедонијаПомалку отпад и пестициди, повеќе живот за Преспа

Помалку отпад и пестициди, повеќе живот за Преспа

- Advertisement -spot_img

Преспа со години се соочува со намалување на нивото на водата, но покрај ова, под површината постои уште еден, помалку видлив проблем – загадувањето од земјоделството.

Во регионот каде се користат десетици тони пестициди годишно, а дел од отпадот завршува во околината, водотеците и езерото, дел од јаболкопроизводителите бараат поинаков пристап.

Пред повеќе од една деценија, Кирил Прцуловски го напушти Скопје и се врати на корените во преспанското село Царев Двор со идеја да произведува храна без хемија. Го создаде брендот „Царица” и се вброи меѓу ретките органски производители во Преспа.

„Во органското производство не постои можност за користење синтетичка хемија, односно препарати произведени во фабрика. Заштитата на овошките мора да се прави на природен начин, во симбиоза со природата“ – вели Кирил Прцуловски, производител на јаболка.

Органските производители велат дека природните препарати кај нас тешко се наоѓаат и се скапи, па многумина сами ги подготвуваат. Наместо хемија, Кирил користи органски отпад и природни растенија за изработка на сопствени заштитни средства, со што се намалува ризикот од загадување.

„Размислував и решив да проучувам и да најдам начин сам да ги заштитам насадите. Одзема време експериментирањето“, додава Прцуловски.

Според еколошките организации, пестицидите имаат директно влијание врз загадувањето на почвата, а преку водите и врз Преспанското Езеро. Дополнителен проблем е и земјоделскиот отпад, непродадени јаболка и амбалажа од ѓубрива. Спасот, велат, е во органското производство.

„Тоа би било најдобрата солуција ако Преспа како регионален производител на јаболка би се одлучил колективно да одгледува органски јаболка. Но навиките тешко се менуваат. Со добра стратегија, Преспа има потенцијал да биде природен регион меѓу два национални паркови“, вели Марија Ефтимовска од Еко герила.

Во Преспа има околу 2.600 земјоделски стопанства, а само околу 80 се занимаваат со органско производство. Надлежните велат дека веќе две децении се работи на намалување на употребата на пестициди.

„Беше спроведена активност за поставување 9 агрометеоролошки станици, каде се следат параметри во делот на заштита, ѓубрење и болести кај јаболковото производство, со цел да се намали аплицирањето на хемиски средства, а со интегрираната заштита дел од производителите да се ориентираат кон органското производство“, вели Сашо Андреевски од Подрачното одделение на Министерството за земјоделство.

Органското производство за Кирил значи живот за Преспа. Неговиот сон е да ја види чиста, зелена и без отпад.

„Оваа идеја треба да ја споделиме со младите, да тргнат по пат што носи перспектива и за нив и за регионот“, вели Прцуловски.

Додека Преспа се соочува со сериозни еколошки предизвици, изборот како ќе се произведува храната може да биде клучен за тоа колку живот ќе остане во и околу Преспанското езеро.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img