Партијата на обединети демократи на Македонија (ПОДЕМ) го поздравува донесувањето на новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, со кој по повеќе од една деценија конечно се воспоставува современа и поодговорна законска рамка за оваа област.
Особено ја истакнуваме посветеноста на заменик-министерот за финансии, проф. д-р Николче Јанкуловски, кој активно учествуваше во целиот процес на подготовка и донесување на законот. Тој беше присутен и активно ги образложуваше законските решенија во текот на амандманската расправа во Комисијата за финансирање и буџет, како и на денешната пленарна седница на Собранието, каде што законот беше успешно донесен.
Во текот на расправата беа прифатени повеќе конструктивни амандмани, со што дополнително се подобрија предложените законски решенија. Тоа претставува пример дека преку аргументиран дијалог и вклучување на сите засегнати страни може да се донесат поквалитетни закони.
Со новиот закон се воведуваат значајни реформи: ограничување на рекламирањето на игрите на среќа, задолжителна оддалеченост од 500 метри од основните и средните училишта за новите објекти, построги услови за лиценцирање и контрола, како и повисоки приходи што ќе бидат насочени кон здравството, спортот, културата и други јавни потреби.
ПОДЕМ смета дека ова законско решение претставува одговорен баланс меѓу заштитата на јавниот интерес, особено на младите, и воспоставувањето ефикасен, транспарентен и законски регулиран систем кој ќе го намали просторот за нелегално приредување игри на среќа.
Ќе продолжиме да поддржуваме реформи што носат посилни институции, поголема правна сигурност и подобра заштита на граѓаните.








