Во Битола официјално стартуваа градежните работи на јужната трибина на фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“, како дел од голем проект за подобрување на спортската инфраструктура во градот.
Проектот опфаќа целосна санација на трибината, вклучувајќи обновување на скалите и постоечките седишта, премачкување и обработка на површини, како и поставување на 4.852 нови седишта, со цел да се зголеми комфорот и безбедноста за посетителите.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, заедно со советници и претставници на комуналните служби, извршија увид на работите и истакнаа дека проектот е можно да го реализираат благодарение на финансиска поддршка од Владата на Република Македонија преку повик за инфраструктурни инвестиции.
Санацијата на јужната трибина е дел од подготвителните активности за организирање на меѓународни натпревари, вклучително и за квалификациски натпревар помеѓу репрезентациите до 21 година на Македонија и Италија, закажан за септември оваа година.
Според најавите, после завршувањето на реконструкцијата, стадионот ќе ги задоволи современите стандарди и ќе обезбеди подобри услови за фудбалските натпревари и публика, што дополнително ќе ја зајакне спортската сцена во Битола.







