Новинарката Биљана Мартиноска почина денеска во Скопје на 76 години, соопшти нејзината ќерка, писателката Ана Мартиноска.
Мартиноска (родена Пенушлиска) беше дел од весникот „Нова Македонија“, каде во културната рубрика беше истакната авторка на текстови за разни аспекти на културното творештво, особено за ликовната уметност. Таа работеше во златното време на новинарството, во последните децении на 20. век, кога културните рубрики беа суштински дел на медиумите и имаа квалификувани новинари кои пишуваа за културата од сите аспекти – од творештво до културна политика.
Мартиноска е сестра на Илија Пенушлиски, еден од најреномираните македонски сликари, кој почина на 19 март годинава.
Погребот ќе биде на 22 јуни од 9 часот гробиштата „Бутел“ во Скопје.








