Петнаесет повредени лица се примени во две клиники по невремето што попладнето го зафати Скопје, од кои девет на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), а шест на Универзитетската Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски”.
Директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски изјави дека од деветте повредени, две се со потешки повреди – една жена со повреда на глава е на Неврохирургија, а друга е со скршена рака.
Шесте повредени кои се примени на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски”, како што изјави директорот на таа јавна здравствена установа, д-р Небојша Настов, имаат посекотини и набиеници и се третираат амбулантски. Посочи дека тројца од повредените по амбулантскиот преглед, се пуштени дома, а тројца се во фаза на испитување.
– Сите се во стабилна состојба. Првично не оддаваат впечаток дека ќе бидат задржани на натамошно лекување. Еден пациент е повреден при пад на дрво и го закачиле гранките, еден е повреден од лим кој паднал од некој покрив, а еден е повредени од паднати керамиди, додаде д-р Настов.
Директорот на Градската општа болница „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски изјави дека кај нив не се примени повредени лица во невремето во Скопје, но е предизвикана огромна материјална штета. Посочи дека чекаат комплетен увид за да се утврди обемот на штетата.






