Предложените измени на правилата за боледување не го скратуваат правото на боледување, туку предвидуваат медицинските критериуми за продолжување да почнат да се применуваат по петтиот наместо по седмиот ден, вели директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински.
Во интервју за „Република“, Перински појаснува дека петтиот ден не претставува максимално времетраење на боледувањето, туку момент од кој, доколку боледувањето продолжува, се применуваат дополнителни медицински критериуми.
– Прво, не кратиме ниту еден ден боледување. Тоа е најважното нешто што граѓаните треба да го знаат, вели Перински.
Тој појаснува дека петтиот ден не е максимално времетраење на боледувањето. Доколку пациентот има медицинска потреба, боледувањето може да трае 10, 20, 30 дена или подолго.
– Правото на боледување не се скратува, а матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена. За период подолг од 15 дена, како и досега, одлучува лекарската комисија на Фондот, посочува Перински.
Според него, по петтиот ден, доколку здравствената состојба бара продолжување на боледувањето, матичниот лекар и понатаму може да го утврди до 15 дена, со потребната дијагностика или соодветна специјалистичка проценка.
Перински нагласува дека дополнителна дијагностика нема да биде задолжителна за секој пациент и секоја дијагноза. Кај дел од дијагнозите проценката ќе остане кај матичниот лекар, без задолжително лабораториско испитување.
– Не би сакал целата реформа да ја сведеме на споредбата „седум или пет дена“. Клучната бројка е 15 – и тука нема промена, посочува директорот на ФЗО.
Тој вели дека измените се подготвувале во текот на цела година во работна група на Фондот и Министерството за здравство, а дел од постојните критериуми потекнуваат од 2012 година.
– Пораното дијагностицирање понекогаш може да значи и порано откривање на посериозна здравствена состојба. Нашата логика не е пациентот порано да го вратиме на работа. Логиката е, ако не се чувствува подобро, порано да утврдиме зошто не се чувствува подобро, истакнува Перински.
Предложените измени предвидуваат и олеснувања, меѓу кои помалку непотребни лабораториски испитувања кај одредени дијагнози, проширување на временските рамки кај дел од случаите и дигитализација на постапката по 15. ден преку електронски ПСР-образец.
Се проширува и кругот на случаи во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот, особено за тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, како и за лица на болничко лекување.
Во однос на најавените контроли во домовите, Перински вели дека пациентите на боледување нема да мора постојано да бидат дома.
– Апсолутно не. Тоа би било и медицински нелогично, вели тој, додавајќи дека контролата ќе треба да се поврзе со конкретната здравствена состојба и препораките од лекарот.
Управниот одбор на Фондот не ги усвоил измените на последната седница, а Перински очекува тие повторно да бидат разгледани во вторник.
– Нема причина да брзаме со решение што треба да трае, но нема ниту причина да се откажеме од осовременување на системот само затоа што темата предизвикала дебата. Нашата обврска е аргументите да ги ставиме на маса и да дојдеме до решение што е во интерес на осигурениците, вели Перински.






