HomeСпортПандев мисли дека јавноста има кратко памтење, ама се зезна!

Пандев мисли дека јавноста има кратко памтење, ама се зезна!

- Advertisement -spot_img

Ретко кој може да го разбере последниот потег на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), која реши на еден ден пред полуфиналниот бараж-дуел за пласман на Светското првенство, против селекцијата на Данска, да го објави интервјуто со директорот во репрезентацијата, Горан Пандев.

Затоа што сè е „розово“ во македонскиот фудбал, освен што УЕФА води истрага за неколку наместени натпревари, беа натепани младинските фудбалери на Брегалница, голманот на Аеродром заврши во болница, навивач на Победа сакаше преку искршен прозорец да влезе во гостинската соблекувална и низа расистички и националистички скандирања на трибините, ФФМ реши да си има и сопствен поткаст, каде што, нормално, гости се оние што директно се поврзани со Федерацијата и со репрезентацијата.

Откако му помина редот на првиот човек на Федерацијата, Масар Омерагиќ, потоа на Стефан Ашковски, Гоце Седловски, Дени Мусовски, Ѓорги Христов… на ред дојде Гранде Пандев.

За жал, и ова интервју најдобро покажува дека не се менуваат некои работи, дека и понатаму легендарниот репрезентативец на Македонија има нешто лично против, колку и да не сака да сфати, најуспешниот селектор во нашата фудбалска историја, Игор Ангеловски.

Иако фудбалската јавност беше максимално фокусирана на дуелот во Копенхаген, ФФМ и Пандев експресно станаа главна тема на дискусија поради новиот напад кон популарниот Мрме.

Во текот на гостувањето, директорот на репрезентацијата изјави дека Македонија се пласирала на ЕП 2021 без селектор и дека Ангеловски е главен виновник за очајната игра на завршниот турнир.

– Таа генерација беше нашата најдобра и уште го мислам, ние и без тренер на клупата ќе се пласиравме на ЕП, каде што дури и ќе одигравме подобро. Ние отидовме на тоа првенство и толку, како да не треба повеќе да играме. Највиновен за тие резултати е селекторот, знаеме кој секогаш одговара за резултатите било во клубот или во репрезентацијата. Ние игравме катастрофално, според мене. За мене, тоа е најдобрата генерација, како што кажав, и да не направиш резултат на тоа првенство, да загубиш од Австрија и Украина… можевме да одиграме многу подобро ако бевме подобро тактички и ментално подготвени. Ние се базиравме само на индивидуалниот квалитет, не видов дека ги подготвуваме натпреварите тактички како што било случај со други тренери каде што сум бил. Ние отидовме таму како растурена банда. Подготовките беа катастрофални, а јас се водам по тоа „како тренираш, така играш“. Едноставно, го немаше тоа што е потребно, знаев дека така ќе заврши. Да се вратам назад на некои луѓе, ништо не би помогнал, многу луѓе ја искористија мојата добрина и некои работи поинаку ги кажуваа само за свој интерес. Јас сум горд за тоа што сум помогнал и што сум направил – истакна Пандев, кој сигурно мисли дека јавноста има заборавено дека до пред некое време беше голем пријател со Ангеловски, дека знаеше да каже дека поради него (кој лично го замолил) се вратил во репрезентацијата за да помогне и дека со него имаше голем удел во „рушењето“ на сега веќе поранешниот претседател на ФФМ, Муамет Сејдини.

– 20 октомври 2015 година, кога се сретнавме првпат, во твоите очи видов енергија, сигурност и голема желба за враќање на репрезентацијата во живот… Ги паметам зборовите кога ми кажа дека ќе направиш едно големо семејство од репрезентацијата и целта е Македонија да се пласира на Европско првенство. Сите овие години не беше лесно, имаше многу препреки, но ти гордо ја чуваше нашата фамилија. Шефе, благодарам е малку да кажам. Го сплоти македонскиот народ, направи да се сакаме како браќа во репрезентацијата и да гинеме еден за друг. Затоа сакам да ти кажам, вечно ќе останеш во моето срце – напиша Пандев на својот инстаграм-профил за Ангеловски откако Мрме се прости од националниот тим.

Во текот на гостувањето во поткастот на ФФМ, Пандев испрати и јасна порака дека Гоце Седлоски е вистинскиот човек за клупата на Македонија.

– Долги години играв со него во репрезентацијата, тоа е човек што не сака да губи и мислам дека заслужи да биде селектор со тоа што го направи и како играч и како тренер. Човекот е победник и верувам дека ќе го докаже тоа на теренот – додаде поранешниот капитен на „црвено-жолтите“, кој многу брзо ќе дознае дали бил во право за новиот селектор или пак ќе се премисли.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img