Со две 200 MP камери, Snapdragon 8 Elite Gen 5, 144 Hz AMOLED екран и батерија од 7.050 mAh, новиот флегшип на Oppo поставува нови стандарди во мобилната фотографија и перформанси
Oppo го претстави својот нов флегшип модел Find X9 Ultra, кој иако премиерно беше прикажан во Кина, ќе пристигне и на одбрани европски пазари. Станува збор за телефон со силен фокус на фотографијата, но кој нуди врвни спецификации и во сите останати сегменти.
Пред да навлеземе во системот на камери, да го споменеме екранот. Се работи за 6,82-инчен LTPO AMOLED панел со резолуција 3.168 x 1.440 и освежување до 144 Hz, со максимална осветленост до импресивни 3.600 нити. Поддржува Dolby Vision и HDR Vivid, а е заштитен со Corning Gorilla Glass Victus 2.

Како што доликува на флегшип уред, тука е најмоќниот Snapdragon 8 Elite Gen 5, во комбинација со до 16 GB LPDDR5X RAM и до 1 TB UFS 4.1 внатрешна меморија. Софтверски, работи на ColorOS 16 базиран на Android 16, а се очекува поддршка од околу пет години.
Главниот адут се камерите, развиени во соработка со Hasselblad. Системот вклучува четири задни камери, меѓу кои доминира главната од 200 MP (Sony LYT-901) со голем сензор, бленда f/1.5 и оптичка стабилизација. Тука е и 200 MP перископска телефото камера со 3x оптички зум, како и дополнителна 50 MP перископска камера со 10x зум и стабилизација со поместување на сензорот.

Ултрашироката камера од 50 MP има автофокус, а дополнителниот 3,2 MP сензор служи за подобра репродукција на боите. Oppo истакнува и перископски систем со петкратно прекршување на светлината (Quintuple prism), што овозможува до 20x зум со оптички квалитет. Напред има 50 MP селфи камера со автофокус.
Кога станува збор за видео, поддржано е снимање во JPEG и RAW формати со 16-битна длабочина на боја, како и Hasselblad XPAN режим и напредни видео опции. Можно е снимање во 4K при 60 и 120 FPS, како и во 8K при 30 FPS, со функции како O-Log2 и LUT преглед во реално време.

Во согласност со трендовите, Find X9 Ultra има голема батерија од 7.050 mAh, која се очекува да остане и во европската верзија. Поддржува 100 W жично и 50 W безжично полнење. Уредот има 3D ултразвучен читач за отпечаток под екранот, како и IP66, IP68 и IP69 сертификати за отпорност на вода и прашина. Достапни се dual SIM, NFC, Bluetooth 6.0, Wi-Fi 7 и GPS.
Find X9 Ultra во Европа ќе биде достапен во бои Tundra Umber и Canyon Orange, со почетна цена од 1.699 евра за верзијата со 12 GB RAM и 512 GB меморија.








