HomeМакедонијаОд училишниот двор до интернетот: „Булингот“ не бира место

Од училишниот двор до интернетот: „Булингот“ не бира место

- Advertisement -spot_img

Во училиштните ходници не секогаш одекнува ѕвончето, понекогаш одекнува тишината на стравот. Зад насмевките и шегите во училниците често се крие „булингот“ или врсничко насилство што ги остава најдлабоките лузни на детската душа.

Иако зборот „булинг“ одамна влезе во нашиот речник, неговата вистинска тежина сè уште не ја чувствуваме доволно сериозно. Насилството меѓу врсниците не е нова појава, но денес, во време на дигитални групи, социјални мрежи и се помалку емпатични односи, неговите последици се подлабоки од кога било.

„Не им кажувам на мама и тато, ќе ми речат да не обрнувам внимание.“ Зад оваа реченица стои едно од најболезнените сознанија – децата кои трпат врсничко насилство најчесто молчат. А токму тоа молчење го прави булингот најтивкиот, но најопасен облик на насилство меѓу децата.

„Булингот претставува врсничко насилство. Подразбира обрасци на однесување кои се насилни, имаат тенденција да се повторуваат, нанесуваат штета на друго лице и најчесто сторителот е врсник или група на врсници кои не другаруваат со лицето на кое му се нанесува штета. Според претходно кажаното, јасно може да направиме разлика што е врсничко насилство, а што не е.“објаснува Јана Момировска, специјален едукатор и рехабилитатор и семеен системски советник.

Зад сувата дефиниција стои сурова реалност, тоа се деца кои секојдневно се соочуваат со насилство од своите врсници.

„Зад себе имам огромно искуство на оваа тема. Имав прилика да работам со повеќе од 35.000 ученици на училишна возраст. Конкретно, имав работилници со ученици од петто до деветто одделение. На овие работилници увидов дека поимот „булинг“ им е многу близок на децата. Особено во поразвиените средини случаите на булинг се многу чести, да не речам секојдневни. Сите овие деца знаеа што е булинг и искусиле такви ситуации во врсничките кругови било како трпители, сторители или сведоци.“ Јана Момировска, специјален едукатор и рехабилитатор, семеен системски советник.

Но врсничкото насилство не завршува во училишниот двор. Денес, најголем дел од него се преселува таму каде што децата поминуваат најмногу време – на интернет.

Според податоците на Државниот завод за статистика (2023), речиси сите млади на возраст од 15 до 24 години – дури 98,8 проценти – користат интернет секојдневно. Девет од десет млади го користат интернетот за социјални мрежи и инстант пораки – токму таму каде што се случува најголемиот број случаи на сајбер булинг.

Најновиот национален извештај поддржан од УНФПА (Фонд за население на Обединетите нации), покажа дека насилството меѓу врсниците во Македонија достигнува алармантни нивоа – едно од десет деца изјавило дека редовно трпи булинг во училиштето, додека едно од шест деца било жртва на сајбер булинг.

Истражувањето, спроведено во рамки на меѓународната студија Health Behavior in School-aged Children (HBSC), опфатило ученици на возраст од 11, 13 и 15 години во земјата, и дава јасна слика за размерите на проблемот.

Растењето онлајн нуди неограничени можности: пристап до знаење, поврзување, забава и креативност. Но со овие можности доаѓаат и сериозни ризици. Сајбер насилството и говорот на омраза ги следат младите секогаш кога ќе се најават на некоја платформа. Вознемирување, понижување, објавување фотографии без дозвола, навредливи коментари или дискриминаторски мемиња – ова се само дел од формите на онлајн насилство што оставаат подеднакво длабоки траги како и физичкото.

Како да го препознаеме и спречиме булингот

Булингот често се препознава преку промени во однесувањето на детето – повлекување од другарите, намален успех во училиште, нервоза или избегнување одредени места и активности.

„Не кажуваат, туку покажуваат. Се менува однесувањето на децата кои трпат врсничко насилство, како и нивниот „внатрешен свет“, се намалува нивната самодоверба, се изолираат од социјалните кругови, се повлекуваат во себе, стравуваат од работи и ситуации кои дотогаш не буделе страв…“ додаде Момировска.

Превенцијата започнува со внимателно слушање и поддршка на децата, градење доверба и јасно поставување на граници на прифатливо однесување. Родителите, наставниците и врсниците треба да поттикнуваат отворен разговор, да учат на емпатија и решавање конфликти без насилство, а училиштата да воведат програми за заштита и превенција на врсничко насилство. Важно е да се интервенира на време – како со поддршка за жртвите, така и со работа со сторителите, за да се прекине циклусот на насилство.

„Нема да помогнеме ако сме дистанцирани од ситуацијата. Ако гледаме, а се правиме дека не гледаме. Ако мислиме дека не е наша работа. Секое нереагирање и непријавување значи соучество. На тој начин сторителите се охрабруваат да продолжат со насилството, а да не заборавиме и дека сведочењето на насилство остава последици. Важно е да помогнеме, да праѓаме, да сослушаме и да пријавиме. Помагањето и спречувањето на насилтвото значи помагање на двете страни: сторителот и трпителот. За сторителите на насилство познато ни е дека и тие се или биле трпители на насилство, па и самите станале сторители за да не се чувствуваат немоќно и беспомошно. Важно е да се работи и со сторителите, да најдат начин како да ги променат тие однесувања и да ги залечат нивните рани. Исто и со децата кои од страв да не бидат следната жртва, се приклонуваат кон сторителот, како начин да се заштитат. Но, на трпителите на насилство мора веднаш да им се пружи помош, поддршка и заштита. Жал ми е што ќе го кажам ова, но огромен број од учениците со кои работев немаа доверба дека ако побараат помош тоа ќе се сфати сериозно и дека ќе им се помогне.“ заклучи таа.

Булингот остава невидливи, но длабоки траги. Секоја насмевка што крие страв, секое дете што се повлекува во себе, е повик за акција. Превенцијата започнува со слушање, разбирање и поддршка – дома, во училиште и онлајн. Нашата одговорност е да не бидеме гледачи, туку заштитници, да ги штитиме децата, да ги лекуваме раните и да создадеме средина каде насилството нема место. Само така ќе можеме да го прекинеме циклусот и да им дадеме на децата безбедно и достоинствено детство.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img