домаМакедонијаОд Охрид до Скопје барала помош, крварела и молела за лекар со...

Од Охрид до Скопје барала помош, крварела и молела за лекар со страшни болки – бремена медицинската сестра сведочи за часовите пред да го загуби плодот

- Advertisement -spot_img

Медицинската сестра Љубица Шавреска јавно се обрати до Министерството за здравство и до министерот, изнесувајќи тешко лично сведоштво за третманот што, како што тврди, го добила во повеќе здравствени установи додека била во 24+3 гестациска недела, пред нејзината бременост да заврши со загуба на плодот.

Шавреска, која наведува дека десет години работи во здравството – две години во приватниот и осум во јавниот сектор – детално го опишува патот од првите болки во Охрид, преку преглед во Струга, повторното враќање во Охрид, заминувањето во приватната болница „Плодност“, потоа на Клиниката во Скопје и, конечно, во „Систина“.

Станува збор за лично сведоштво на Шавреска. Нејзините наводи за постапувањето на конкретни лекари, медицински персонал и здравствени установи се нејзини тврдења и од објавата не може независно да се утврди дали биле направени медицински пропусти, ниту дали поинакво постапување можело да го промени исходот од бременоста. За таква оценка се потребни медицинска документација и стручен надзор.

Според нејзиното сведоштво, сè започнало околу 3:30 часот, кога почувствувала болки, силно затегање и притисок во пределот на половината. Вели дека веднаш се јавила во дежурната служба на гинеколошкото одделение во Охрид, каде што била прегледана од д-р Горан Маркоски.

„Докторот дојде видно нервозен и нерасположен. Му ја објаснив состојбата. Ме прегледа со ехо на абдоменот, преглед кој траеше можеби две минути, и ми кажа дека болката е поради тоа што бебето е со нозете надолу и дека така притиска“, пишува Шавреска.

Таа тврди дека ѝ биле дадени четири таблети „Дабростон“, а потоа лекарот телефонски ѝ рекол на медицинската сестра да не го буди за, како што го цитира Шавреска, „такви глупости“ во три и пол часот, туку само доколку дошла жена да се породи.

Бидејќи болките се засилувале, Шавреска заминала во Струга. Според неа, д-р Виолета Насуфи првично не сакала да ја прими бидејќи доаѓала од Охрид, но потоа ја прегледала и оценила дека можеби станува збор за бубрежна колика. Шавреска наведува дека ѝ била дадена ампула „Кетонал“.

За однесувањето на дежурната медицинска сестра во Струга изнесува уште едно сериозно обвинување.

„Кога, поради болката, не можев да најдам положба во која можам да стојам за да ми ја аплицира инјекцијата, ми кажа дека сум дошла во четири часот кај нив ‘за циркузи’, а не затоа што ме боли“, пишува таа.

Следниот ден болките повторно се појавиле. По преглед кај матичниот лекар д-р Устијаноски, добила упат за гинекологија во Охрид, со препорака за хоспитализација.

Таму, како што вели, ја прегледала д-р Радмила Здравеска, за која Шавреска има сосема поинакви зборови.

„Докторката беше единствената која ме прегледа навистина темелно – со ехо, сонда, спекулум, ЦТГ и со сè што можеше да се направи во тој момент“, наведува Шавреска.

Според нејзиното сведоштво, било утврдено дека грлото на матката е значително скратено и дека е потребно понатамошно лекување во Скопје. На сопствено инсистирање, наместо на Клиниката, прво заминала во приватната болница „Плодност“. Таму, според неа, по прегледот ѝ било кажано дека цервиксот е 13 милиметри и дека состојбата не може да биде третирана таму, по што продолжила кон Скопје.

На Клиниката пристигнала околу 3:20 часот. Оттука започнува најтешкиот дел од нејзиното сведоштво.

Шавреска тврди дека била примена, но дека во текот на следните часови, и покрај сè посилните болки, не добивала јасни информации што точно се случува и каков ќе биде понатамошниот третман. Во својата објава ја посочува д-р Адела Стефанија и тврди дека нејзините прашања за причината за болките, можните контракции и потребата од серклаж останале без конкретен одговор.

„Од што е болката? Дали треба серклаж? Дали се контракции? Дали е камен?“, вели дека прашала.

Според Шавреска, одговорот што го добила бил: „Еее, де, вие сестрите сè знаете. Чекај, ќе видиме. Лежи.“

Таа наведува дека состојбата потоа драматично се влошила – започнала обилно да крвари, имала неподносливи болки и чувствувала дека се гуши. Во тие моменти, како што пишува, нејзиниот сопруг почнал да бара контакти и „врски“ за да обезбеди лекар кој ќе ја прегледа.

„Јас сум медицинска сестра, но во тој момент бев само исплашена пациентка“, пишува Шавреска.

Таа тврди дека во еден момент молела лекар да ѝ помогне.

„Докторке, јас умирам. Ве молам, помогнете ми“, ги пренесува своите зборови.

Според неа, добила одговор дека лекарот е од друго одделение, дека не дежура таму и дека треба да почека до следната визита за да се одлучи што понатаму.

„Тоа беше моментот кога сфатив дека, ако останам таму, можеби ќе се сретнам со смртта“, пишува Шавреска.

Во сведоштвото таа опишува и однесување на дел од немедицинскиот персонал. Тврди дека чистачка ѝ се развикала кога не можела точно да објасни во која соба се наоѓа, а подоцна повторно ја прекорила поради наводно оставено ѓубре во собата.

Семејството потоа контактирало со приватни болници. Според Шавреска, од „Ре-Медика“ им било кажано дека немаат оддел за трудници пред 34. недела, додека од „Систина“ добиле одговор: „Веднаш да дојде. Ја чекаме.“

Шавреска вели дека решила да ја напушти Клиниката на сопствено барање, но тврди дека и тогаш, додека била во силни болки, чекала околу 20 минути за отпусното писмо. На крајот заминала пред документот да биде завршен, а медицинска сестра, според нејзиното сведоштво, стигнала до автомобилот за да побара од неа да потпише дека си заминува на сопствено барање.

Во „Систина“, пишува Шавреска, ја пречекал д-р Јосиф Ѓорески и веднаш била примена во родилна сала.

„И покрај огромниот ризик, добив терапија, грижа, разбирање, соодветни испитувања и психолошка поддршка – сè она што му е потребно на човек во момент кога му се руши светот“, наведува таа.

Бременоста сепак завршила со загуба.

Шавреска не тврди дека конкретен лекар или медицинска постапка ја предизвикале загубата. Напротив, во своето обраќање вели дека верува оти бременоста била прекината „од Бога“, но смета дека односот на системот го направил целото искуство многу потешко и потрауматично.

Таа најавува дека нема да тужи и дека не бара одмазда или нечие професионално казнување, туку сака јавно да проговори за начинот на кој, според нејзиното сведоштво, била третирана како пациентка.

„Дали вака треба да изгледа здравството во кое десет години и самата јас служам? Дали една бремена жена мора да крвари, да трпи неподносливи болки и да моли за помош за некој да ја сфати сериозно? Дали пациентот треба да бара ‘врски’ за да добие лекарски преглед? Дали во најтешкиот момент од животот треба да се чувствува како товар?“, прашува Шавреска.

Истовремено, таа нагласува дека не го изедначува однесувањето на сите здравствени работници. Јавно им се заблагодарува на д-р Захарија, д-р Устијаноски, сестра Тања, д-р Радмила Здравеска, д-р Ана Илкоска, како и на директорот на „Водовод“, Јованчо Мечкароски, и пратеникот Јован Јаулески, за кои вели дека се ангажирале и се обиделе да ѝ помогнат.

Нејзината порака до Министерството за здравство е дека пациентите не треба да зависат од лични контакти за да добијат навремена грижа.

„Не барам привилегија. Барам систем во кој никој нема да мора да бара привилегија за да биде спасен. Зашто зад секој пациент стои човек. Зад секоја трудница стои мајка. А зад секоја бременост стои еден цел свет“, пишува Шавреска.

„Мојот свет тој ден се распадна. Но јас останав. И ќе продолжам“, завршува таа.

„Скопје1“ за изнесените ставови веќе побара став од засегнатите клиники за точно да се увиди како е постапено од страна на докторите и персоналот, а со цел да се добие целата слика за овој случај.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img