Холанѓанката Лаура ван Лар, која веќе неколку години дел од своите подготовки ги минува во Македонија, во моментов е меѓу водечките натпреварувачи на „Монгол Дерби“ – трката што организаторите ја опишуваат како најдолгата и најтешката коњичка трка во светот.
Ван Лар веќе неколку години е дел од тимот на „Шерпа – Галичник“ и е еден од водачите на „Мијак Треил“, каде што јава низ планинските предели на западна Македонија. Практично секоја година дел од нејзините подготовки за големиот предизвик во Монголија се одвиваат токму на македонските планини, на долги и физички исклучително тешки рути.
Годинава подготовките очигледно даваат резултат. Ван Лар од самиот почеток на „Монгол Дерби 2026“ се наоѓа во самиот врв. Во текот на третиот натпреварувачки ден таа стигна на Коњичката станица 8 како лидер на трката, пред да добие временска казна по ветеринарната контрола поради куцање на коњот со кој ја завршила делницата. Поради строгите правила за заштита на животните мораше да остане во станицата и да ја издржи казната, со што привремено го загуби водството.
Но, Холанѓанката веднаш се врати во битката за врвот. Според последниот официјален извештај од четвртиот ден, Лаура ван Лар повторно е во најтесната група која ги брка водечките натпреварувачки Рангна Ру и Линдзи Вудс. Заедно со Ела Гринслејд и Донига Фелиз Маркегард, таа продолжува да врши притисок врз самиот врв на трката.
„Монгол Дерби“ е натпревар каков што речиси и да нема во современиот коњички спорт. Натпреварувачите треба да поминат околу 1.000 километри низ монголската степа, а трката трае приближно десет дена. Организаторите ја претставуваат како најдолгата и најтешката коњичка трка на планетата.
Концептот е инспириран од древниот монголски систем на поштенски и курирски станици. Наместо еден коњ да ја минува огромната дистанца, натпреварувачите менуваат коњ приближно на секои 35 километри. Тоа значи дека до целта еден јавач може да јава речиси 30 различни, претежно полудиви монголски коњи.
Токму тука е и еден од најголемите предизвици. Јавачот практично нема време да го запознае животното. На секоја нова станица добива нов коњ, мора брзо да го процени неговиот карактер и способности и потоа со него да мине десетици километри низ отворена степа.
Нема класично обележана патека. Натпреварувачите се движат со ГПС и карта и самите ја избираат линијата по која ќе стигнат до следната станица. Дозволено е јавање во определени часови од денот, а опремата што ја носат со себе е ограничена на само пет килограми. Ноќта можат да ја поминат во коњичките станици и кај локалните номадски семејства или да кампуваат таму каде што ќе ги затече крајот на дозволеното време за јавање.
Посебно строги се правилата за благосостојба на коњите. По секоја делница животното минува ветеринарна контрола при која се проверуваат пулсот, движењето и неговата општа состојба. Доколку коњот не ја помине контролата, јавачот добива временска казна, без разлика на неговата позиција во трката. Токму една таква казна ја чинеше Ван Лар водството по одличното јавање во првите три дена.
„Монгол Дерби“ затоа не е само тест на брзина. Тоа е екстремен тест на физичка и психичка издржливост, ориентација, тактика и, пред сè, способност за работа со различни коњи во непредвидливи услови.
За Лаура ван Лар, македонските планини и долгите часови поминати во седло на рутите околу Галичник се дел од подготовката за токму таков предизвик. Таа повеќе години работи како водач на Мијак треил рутата на Шерпа коњички клуб во Македонија.
А во Монголија, по неколку стотици поминати километри, Холанѓанката која добро ги познава патеките на Бистра и Мијачијата сè уште е во битката за победа на најтешката коњичка трка во светот.






