Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за три лица осомничени за насилство врз малолетно лице во скопската населба Маџари.
Според првичните информации од истрагата, на 22 јуни осомничените во парк во Маџари физички нападнале дете родено во 2011 година, при што го удирале со тупаници и клоци и му нанеле повреди, вклучително и расекотини со остар предмет.
Обвинителството предлага повеќе мерки на претпазливост, меѓу кои забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска за редовно јавување кај надлежен орган, привремено одземање на патни исправи, забрана за приближување до местото на настанот, како и забрана за било каков контакт со оштетеното дете и неговото семејство.
Истовремено, истрагата продолжува, при што се вршат вештачења на пронајдените траги и се преземаат други истражни дејствија со цел целосно расветлување на случајот.






