Обвинителниот акт за „Пулс“ вчера вечер беше во фокус на ТВ24: Дебата за обемот на одговорност и довербата во правосудството
Обвинителниот акт за случајот „Пулс“ беше тема на синоќешната емисија „24 Анализа“ на ТВ24, каде адвокатката Ружица Николовска и поранешната пратеничка Снежана Калеска-Ванчева дискутираа за текот на судскиот процес и предизвиците што ги носи најголемата трагедија во поновата историја на земјата, во која загинаа 63 млади лица.
Калеска-Ванчева го отвори прашањето за обемот на обвинението и степенот на индивидуална одговорност, посочувајќи дека не може сите обвинети да имаат ист степен на вина.
„Многу обвинети, а малку виновни, или виновни тие што не треба да бидат виновни“, рече таа, изразувајќи надеж дека судскиот процес ќе резултира со пресуда што ќе ја утврди вистинската одговорност.
Таа предупреди дека ваквиот пристап може да доведе до сценарио слично на случајот „Змиско око“, што би било трагично и за семејствата на жртвите и за државата.
Според неа, неопходно е јасно да се разликува одговорноста на оние кои имале директна причинско-последична врска со настанот од оние кои евентуално имаат системска или индиректна вина.
Како пример го посочи случајот во Кран Монтана во Швајцарија, каде, според неа, обвинението било насочено кон конкретни лица со јасна правна квалификација, што овозможило поефикасна постапка.
Адвокатката Ружица Николовска нагласи дека станува збор за исклучително болен и чувствителен случај за целото општество.
„Огромниот број млади жртви е ненадоместлива загуба“, истакна таа, додавајќи дека обвинението, кое опфаќа период од 2012 до 2025 година, ќе биде сериозен предизвик и за институциите и за судот во утврдувањето на вистината.
Прашањата за временската рамка на обвинението, бројот на обвинети и примената на иста правна квалификација остануваат во центарот на јавната дебата.
Случајот „Пулс“ се смета за еден од најголемите тестови за македонското правосудство, со очекувања за јасно утврдување на индивидуалната одговорност и правна разрешница што ќе донесе чувство на правда и правна извесност за семејствата на жртвите и за јавноста.








