Скопје – Државното јавно обвинителство поднесе обвинение против осум лица, од кои шест се полициски службеници, поради сомнежи за сериозни злоупотреби на службената положба, противзаконито посредување и примање поткуп. Според обвинението, нивните дејствија биле насочени кон овозможување незаконски престој и издавање дозволи за привремен престој на странски државјани.
Како што информираат од Обвинителството, првообвинетиот заедно со уште две лица – за кои постапката е во прекин – сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Тие користеле свое влијание врз двајца полициски службеници и овозможиле на турски државјанин незаконски престој во земјата и добивање дозвола за привремен престој, за што примиле награда од 900 евра.
Во обвинението е опфатен и виш инспектор за странци и реадмисија, кој во периодот од јули минатата година до април оваа година овозможил седуммина државјани на Бангладеш и Непал да добијат привремен престој, иако за нив постоеле негативни безбедносни проценки од Агенцијата за национална безбедност. Наместо да постапи во согласност со Законот за странци, тој донел решенија за престој заради работа.
Со ова, како што наведуваат од Обвинителството, полицајците и другите обвинети директно придонеле за нарушување на законските процедури и овозможиле странци да престојуваат во државата без да ги исполнуваат условите предвидени со законот.









