Дождот го уништи родот на оризот во Кочанско. Последните поплави во овој регион претставуваат дополнителен нов удар врз оризопроизводителите, кои велат дека најмалку 30% од оризот останува неожнеан, бидејќи машините не можат да влезат во калливите ниви.
Земјоделците ја оценуваат ситуацијата како катастрофална. Велат, штетите се огромни, а доцната сеидба и преполните амбари од претходната реколта дополнително го влошуваат проблемот. Како државата може да помогне во ублажување на моменталната ситуација?
И годинава се виде дека превентивата потфрли и овој регион не е подготвен ниту за помали врнежи од дожд, поради кои пред една недела дојде до поплави.
Инаку, откупот за стокови резерви само ќе го ублажи, но нема да го реши целосно проблемот со неоткупениот ориз од минатогодишната жетва, констатираат оризарите.
Околу дваесет илјади тони оризова арпа стои неоткупена во амбарите на земјоделците, но стои непласирана и во магацините на откупувачите. Се очекува Владата да помогне во пласманот на ланскиот род, како би имало услови за откуп на овогодинешниот. Годинава оризот е застапен на околу 4.000 хектари.








