Членот на обезбедувањето на премиерот, кој беше условно осуден на година и пол затвор за насилство врз сопругата, нема да остане во притвор до правосилност на пресудата. Така одлучи Кривичниот суд по изрекување на пресудата, условена да не стори ново кривично дело во рок од три години. Р. Р. е веќе пуштен од притвор од истражниот затвор со неколку мерки кои му ги изрекла судијката – одземен пасош, обврска да се пријавува од судот и можеби онаа, најважната, забрана за приближување на сопругата што ја тепал во семејниот дом пред детето.
Бидејќи мерката е дел од условна осуда со заштитен надзор, тогаш покрај полицијата е вклучена и Управата за извршување санкции преку пробациските служби. Доколку осудениот ја прекрши забраната и се приближи до жртвата или воспостави контакт спротивно на судската одлука, сопругата жртва треба веднаш да ја извести полицијата, која е должна да преземе мерки и да го извести надлежното обвинителство и судот.
Условната казна за вработениот во 6. Управа на МВР наиде на реакции во јавноста. Од Кривичниот суд објаснуваат дека не може да се оди против судската практика – обвинетиот не бил претходно осудуван и го признал кривичното дело телесна повреда. Условните осуди за семејно насилство предизвикуваат сериозни реакции кај јавноста и граѓанските здруженија во земјава. Според критиките, ваквата блага казнена политика на судовите создава чувство на несигурност кај жртвите и испраќа порака дека насилството е прифатливо, што често резултира со повторување на делата или со фатални исходи.
Невладините организации инсистираат семејното насилство да не се третира како „мал престап“, барајќи од судовите и од Обвинителството целосно спроведување на законите и изрекување ефективни затворски казни за да се гарантира безбедноста на жртвите.
Повеќе од половина од судските предмети за семејно насилство завршиле со условни осуди, покажуваат податоците од анализираните судски случаи за 2024 година и за 2025 година заклучно со 25 септември. Во текот на 2024 година биле евидентирани 121 предмет, додека во првите девет месеци од 2025 година се регистрирани 77. Најголем дел од случаите се однесуваат на кривичното дело телесна повреда, кое учествува со повеќе од две третини од сите предмети.
Од анализата произлегува дека во 2024 година судовите изрекле 22 затворски казни, што претставува 18,2 проценти од сите предмети. Во 2025 година, иако бројот на случаи е помал, процентот на затворски казни се зголемил на 20,8 проценти, односно 16 случаи. Сепак, најчеста судска одлука остануваат условните осуди. Во 2024 година со условна осуда или условна осуда со заштитен надзор завршиле 64 предмети, а во 2025 година такви биле 46 случаи.
Податоците покажуваат и промена во структурата на најтешките дела. Во 2024 година биле регистрирани три предмети за убиство и три за тешка телесна повреда. Во 2025 година нема евидентирани случаи на убиство, но бројот на тешки телесни повреди е зголемен на шест. Освен условните и затворските казни, значителен дел од предметите завршиле со запирање на постапката, што дополнително го отвора прашањето за ефикасноста на институционалниот одговор и заштитата на жртвите на семејно насилство.
По условната осуда за членот од обезбедување и затворската казна од седум и пол години за Вангелица од Кратово, остро реагираат од Платформата за родова еднаквост. Оттаму оценуваат дека ваквите судски одлуки испраќаат порака дека системот е благ кон насилниците, а строг кон жртвите, игнорирајќи го контекстот на долгогодишното родово базирано насилство и институционалните пропусти. Бараат судовите и обвинителството секој случај да го оценуваат низ родова перспектива, земајќи ги предвид траумата, стравот и неуспехот на институциите навреме да обезбедат заштита. Според Платформата, правдата не смее да биде посилна кон жртвата отколку кон насилникот и институциите мора да сносат одговорност кога не успеваат да ги заштитат жените од насилство. (П. А.)








